Годинава маратонот ќе се одржи на 9 мај, по четврти пат, а стартот и целта на трките ќе биде на плоштадот „Пела“, соопшти прес службата на Град Скопје.
На маратонот секоја година се реализираат две трки од кои едната е во должина од 42 километри – маратон и втората во должина од 21 километри - полумаратон. Во маратонот право на учество имаат лица постари од 18 години. Котизацијата за оваа трка е 300 денари. Во полумаратонот можат да учествуваат лица постари од 16 години. Помладите од 18 години треба да имаат писмена согласност од родителите. Котизацијата и за оваа трка е 300 денари.
Во рамките на оваа спортска манифестација традиционално се реализираат уште две масовни трки и тоа едната на 5.000 метри - Хумани и активни. Оваа трка е од масовен рекреативен карактер, наменета за сите граѓани и има хуманитарен карактер. Право на учество имаат сите постари од 15 години, а помладите од 18 години треба да имаат писмена согласност од родителите. Котизацијата за оваа трка е 100 денари.
Втората трка е на 2000 метри или таканаречен Мини маратон. Оваа трка е од масовен карактер наменета за учениците од основните училишта од Скопје. Пријавување ќе се врши преку основните училишта и сите учесници треба да имаат писмена согласност од родителите.
Сите заинтересирани повеќе информации можат да најдат на страната на Скопски маратон: www.skopskimaraton.com.mk.