ЗНМ бара целосна декриминализација на клеветата
Кривичната пријава за клевета и навреда се повеќе се експлоатира. Од политичари до обични граѓани, сите се користат со оваа алатка доколку се почувствуваат навредени.
Поради природата на професијата, новинарите први на удар. ЗНМ бара целосна декриминализација на клеветата, за која знаеме дека се изрекуваа казни тешки и по 30 илјади евра.
- Бараме целосна декриминализација на клеветата и преминување на кривичниот дел на клевета и навреда во граѓанското право, а оние кои ќе почувствуваат наклеветени или навредени од одреден новинарски прилог, правдата да ја бараат пред граѓанскиот суд. Ако денеска се досудуваат казни од 30.000 евра, утре може лесно да се досудуваат од 100.000, половина милион или милион евра - изјави Александар Манасиев од ЗНМ.
Според експертите новинарот претставува правно лице кое е поврзано со одредбите од Европската конвенција за човекови права со Уставот и етичкиот Кодекс на новинарите, и било какво задирање во нивната работа би претставувало атак врз слободното изразување.
- Било какво зафаќање во медиумската сфера би значело на некој начин, доколку тоа не биде дозирано и со одредена резерва, атак и врз слободното изразување. Кога станува збор за мас-медиумите треба да се биде внимателен, затоа што сето тоа може да добие друг контекст или друга конотација која би значела директен атак врз демократските процеси на една држава - изјави Никола Тупанчевски, професор на Правен факултет.
Според поранешниот судија во Врховниот суд Агим Мифтари, големите парични казни може да доведат до затварање на медиуми.
- Финансиската способност на нашите медиуми отприлика можеме да ја знаеме, таа не е голема и ако се пресудуваат големи парични казни ќе дојде до затварање на медиуми, што претставува друга опасност - изјави судијата Агим Мифтари.
Тркалезна маса за кривичната одговорност во кривичните дела клевета и навреда се одржа во организација на коалицијата „Сите за правично судење“.
Антонио Крстевски
Поврзани вести
Македонија
|























Коментирај