На скопските улици маратонците го трчаа четвртиот скопски маратон 2010
Повеќе од 2.500 маратонци учествуваа на четвртиот традиционален „Скопски маратон 2010“, што се одржа денеска во Скопје.
Најуспешни маратонци за оваа година во машка и женска конкуренција се Тамаж Тот односно Лусија Кимани. Второто место за истрчани 42,2 километри им припадна на Нилс Стрик односно Марија Враиќ, а трети во оваа маратонска трка беа Виорел Ѓеорѓита од мажите и Каталин Фаркас од жените.
Слаџана Перуновиќ беше прва во полумаратонската трка на 21,1 километар, Ксенија Боловиќ втора, а трета на целната рамнина дотрча Ениса Тасевска. Во машка конкуренција најдобар беше Саша Стоиќ, втор Атила Филеп, а како трет трката ја заврши Кокан Ајановски.
Во трката на 5.000 метри најдобрите петмина во машка конкуренција беа Стојан Поповски, Јовица Ристовски, Никола Китановски, Дарко Костадинов и Дариус Ског. Во женска конкуренција прва на целта што беше поставена на плоштадот Македонија стигна Марија Стојчевска, по неа Симона Трајановска, трета беше Стојана Михајловска-Поповска, четврта Росана Кироска, а Мартина Мицевска истрча пето најдобро време.
Маратонот почна со краток протоколарен дел на стартната рамнина на улицата „Димитрие Чуповски“, каде на учесниците во трите трки, среќа им посакаа градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, евроамбасадорот Ерван Фуере и директорот на Агенцијата за млади и спорт Диме Спасов.
- Радува фактот што годинава за разлика од лани на скопскиот маратон имаме двојно повеќе учесници. За гордост е и фактот што од оваа година, оваа манифестација се запиша на картата на маратони на Светската атлетска федерација, истакна градоначалникот Трајановски.
Спасов посочи дека големиот број учесници на „Скопски маратон 2010“ говори за големината на овој спортски настан. Како директор на Агенцијата за млади и спорт вети дека ќе се залага настанот да стане уште поголем и помасовен во иднина.
Евроамбасадорот Фуере потенцира дека успехот на маратонот како манифестација што се одржува по четврти пат, се должи, пред се на големиот напор што го вложуваат организаторите. Тој им порака на учесниците дека е важно да се учествува и на целта да се стигне со насмевка на лицето.
Трката е со хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат доделени на Клиниката за детски белодробни заболувања во Козле.
На маратонците годинава им се придружија и околу 1.000 скопски средношколци.
Покровители на меѓународниот Скопски маратон и годинава е Градот Скопје, Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт, а организатори Сојузот на спортови на Скопје, Атлетската федерација на Македонија и А.К. работнички. Донатори се Амбасадата на Кралството Норвешка и Црвениот крст на Скопје.
Поврзани вести
Македонија
|




















Коментирај