Протестот на амбасадорот Василевски му го пренел бугарската заменик-министер за надворешни работи Марин Рајков.
Судот во Гевгелија вчера на гевгеличанката со бугарски пасош Спаска Митрова и го одзеде старателството врз тригодишната ќерка Сузана, и му го даде на нејзиниот поранешен сопруг Воислав Савиќ. Судот ја задолжи Митрова да плаќа и месечна издршка од 40 евра. Социјалните служби дополнително ќе се произнесат, колку и како таа понатаму ќе може да ја гледа својата ќерка.
Во реакцијата, пак, на бугарското МНР објавена на неговата веб страница се наведува дека Софија со загриженост констатира оти судската постапка во процесот за родителските права што се водел против бугарската граѓанка Спаска Митрова во Македонија не бил транспарентен. - Тој е спроведен во услови на силна негативна општествена атмосфера, од што дел беа и актите на физичко насилство, притворање и одземање на правото на Митрова да си го види детето, Бугарија очекува судските органи во повисока инстанца да донесат решение кое ќе соодветствува со европските принципи на транспарентност и објективност. Софија ќе продолжи и натаму внимателно да го следи процесот и да го третира како показател за напредокот на судските реформи во Македонија - важен елемент од Копенхагенските критериуми, од чие исполнување зависи европската перспектива на нашиот сосед, стои во реакцијата.
Македонското Министерството за надворешни работи во врска со денешниот протест на бугарските власти, цени дека еден граѓански судски процес помеѓу двајца родители, не треба да прерасне во спор помеѓу две држави и нивните дипломатии.
- Ќе се воздржиме од коментирање на судски пресуди, но сметаме дека би било најпожелно во овој случај поранешните сопружници да најдат заеднички јазик, односно да успеат да се договорат за доброто и иднината на своето дете, се наведува во соопштението од македонското МНР.
Од Министерството апелираат да не се злоупотребуваат семејни драми и човечки судбини во политички цели и ја реафирмира посветеноста во негувањето и градењето на добрососедски односи.