Собранието ја прекина 92.седница, продолжението в четврток
08.02.2010 - 21:49 |
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја прекина работата по 92. седница во чии рамки попладнево почна расправата по Предлог-законот за служба во Армијата на Република Македонија.
Заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, образложувајќи ја потребата од предлагање нов закон за служба во Армијата на Република Македонија, истакна дека една од новините кои се предвидуваат со него е можноста за станбено обезбедување на воените и цивилните лица на служба во Армијата на Република Македонија, проблем кој, како што рече, се провлекува во изминатите 20 години.
- Досега Министерството за одбрана на име на надомест за превоз и закуп трошеше огромни средства од буџетот на Министерството. Начинот кој го предлагаме сега е да им овозможиме на професионалните војници и на вработените во Армијата трајно да го решат своето станбено прашање со субвенционирање на каматата од страна на Министерството, а нивната улога би била учество со 30 отсто од кредит. Втора новина е професионализацијата на дел од резервниот состав, посочи Димитриев.
Во рамки на обврските кои ги имаме со НАТО партнерите, рече Димитриев, обврзани сме еден дел од резервата го издигнеме на многу повисоко ниво во делот на обученост и опременост.
- Република Македонија има обврска 1.800 припадници во резервниот состав да ги трансформира во активна резерва. Направени се допрецизирања во членовите од стариот закон. Со овој Закон е уредена сферата на хиерархијата во Армијата, материјата од системот на плати и надоместоци на плати, учеството на Армијата надвор од Македонија, и здравствената и физичката способност на воениот персонал, како и одредби кои го уредуваат начинот на школување и доусовршување, подготовка за враќање во цивилниот живот итн, додаде Димитриев.
Пратеникот Горан Минчев од СДСМ рече дека Законот е еден од најлошо срочените закони кој според него, не соодветствува со европските текови.
- СДСМ понуди три предлози - до 55-годишна возраст поранешните професионални војници да бидат во резервниот армиски состав, втората варијанта е тие да бидат во други државни институции, или ако сето тоа не може, да им се даде 15.000 евра отпремнина на секој војник, додаде Минчев.
Цветко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ рече овие лица имаат можност по навршување на својата 48 година од животот да примаат одреден паушал или надокнада од 7.000 денари, со тоа што ќе имаат обврска според потребите на армијата еднаш до два пати во месецот и оти за нив е обезбедено здравствено осигурување.
- Во овој временски период од навршување на 38 години до 48 години, кога се наоѓаат во активен резервен состав, тие ќе можат да склучат договор или да изнајдат можност за нивно вработување во одредени други институции, додаде Грозданов.
Пратениците претходно во рамки на 92. седница констатираа дека Предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за Првиот заем за развојна политика - ДПЛ 1, во прво читање, е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.
Со Предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за Првиот заем за развојна политика - ДПЛ 1, државата се задолжува со 20,5 милиони евра за буџетска поддршка.
Според предлагачот - Министертвото за финансии, парите од заемот ќе бидат искористени за подобрување на извршувањата на јавните расходи, зајакнување на социјалната помош и одржување на стабилноста во финансискиот сектор. Заемот е одобрен од Бордот на директори, како резултат на исполнувањето на повеќе услови меѓу кои одржување буџетски дефицит од 2,5 отсто од БДП, имплементирање на првата фаза од даночната реформа на платите преку намалување на придонесите за социјално осигурување од 32,5 проценти од бруто-платата во 2008 година на 28,4 проценти во 2009, усвојување на Нацрт-измените на Законот за здравствено осигурување со цел воспоставување трезорска функција во јавниот здравствен сектор во рамки на ФЗОМ и за замрзнување на платите на администрацијата за цела 2009.
Заемот треба да биде повлечен во една транша на почетокот од годинава. Рокот на отплата е 25 години со грејс-период од осум години и либор за евро валута каматна стапка со варијабилен распон.
Пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ова задолжување било предвидено во Буџетот за 2010 година. Овој кредит, посочи тој, е строго наменски и ќе биде контролиран од Светска банка.
Реплицирајќи на ставовите на опозицијата за постојано задолжување, Мукоски рече дека во 2005 година државниот долг на Македонија бил 39,5 проценти од БДП, а јавниот долг 46,9 проценти од БДП. Во 2009 година државниот долг, посочи тој, е 24,7 проценти од БДП, а јавниот долг 32,9 проценти од БДП.
- Во 2007 година оваа иста Влада предвремено врати 233 милиони евра кон Парискиот клуб, Светската банка, Европската инвестициона банка, Меѓународниот монетарен фонд, додаде Мукоски.
Собранието денеска во рамки на 90. седница со 67 гласа „за“ и четири „против“ го донесе Предлог законот за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија и трговските друштва основани од државата, општините или Град Скопје, по скратена постапка. Со Законот, што на иницијатива на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) го предложија координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на ДУИ, се овозможува наплата на долговите на јавните претпријатија и трговските друштва основани од државата, општините и Град Скопје по основ на ДДВ, персонален данок и данок на добивка, на 120 месечни рати, со грејс-период од три години. Ним ќе им бидат отпишани каматите доколку редовно ги отплаќаат долгот и тековните обврски.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски продолжението на 92.седница го закажа за четврток.
Македонија
|


















Коментирај