Подобрување на македонско-албанските односи особено во економската сфера
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Албанија Антонио Милошоски и Илир Мета денеска оценија дека односите меѓу двете соседни земји се добри и оти се работи на нивно натамошно интензиврање и подобрување, особено во економската сфера.
Клучни се проектите за Коридорот 8, зајакнување на билатералните и трговските односи, како и на соработката во однос на евроинтеграциските процеси.
Во април Македонија ќе ја посети албанскиот претседател Бамир Топи, за кога е планирано и одржување бизнис форум, а потоа во Скопје ќе дојде и премиерот Сали Бериша. Двете влади, како што е најавено, се очекува наскоро да потпишат и спогодба за соработка во контекст на пристапувањето во ЕУ.
- Ќе продолжиме да ја градиме Македонија како модел на мултиетничко и демократско општество, изјави министерот Милошоски. На пописот на населението идната година, граѓаните на Албанија ќе можат да ја истакнат својата национална припадност и вероисповед, што, како што рече тој, ќе биде добра можност Македонците кои живеат во Албанија, како лојални граѓани, да ја изразат својата национална припадност и да станат поинтегриран дел на албанското општество.
Шефот на албанската дипломатија повтори дека Албанија го поддржува влезот на Македонија во НАТО и оти се надева дека ќе се надминат сите пречки за Македонија да стане дел од Алијансата. - Заинтересирани сме за натамошното одвивање на реформите во Македонија, кои го забрзаа нејзиниот евроинтеграциски процес, рече Мета заложувајќи се за целосна имплементација на Охридскиот договор, што според него ќе го забрза и процесот на влез на Македонија во ЕУ.
Запрашан за изучувањето на македонскиот јазик од страна од прво одделение за децата од другите заедници, Милошоски рече дека Македонија е една од земјите со најлиберален образовен систем, каде секоја заедница има можност да се школува на својот мајчин јазик.
- Учењето на македонскиот јазик може да придонесе за концептот на мултиетничка Македонија. Свесни сме дека понекогаш и образовните проекти се под влијание на политички дебати, рече тој посочувајќи дека предизвиците можат да се надминат. - Задоволни сме од конструктивната инволвираност на клучните партии на Алабанците во Македонија во оваа смисла, додаде Милошоски.
Шефот на албанската дипломатија Мета изјави дека Тирана ќе го користи македонско –косовскиот модел за демаркација на морската граница меѓу Албанија и Грција.
За актуелната дебата за проектот „Скопје 2014“ што се води во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање министерот Милошоски одговори дека тоа е проект што има урбани и архитектонски вредности и оти нема етничка позадина. – Минатата година со поддршка на Владата и на општина Центар ја завршивме куќата и Музејот на Мајка Тереза, изјави шефот на дипломатијата потсетувајќи дека во Скопје, исто така, има и споменик на Скендребег.
Претходно двајцата министри потпишаа протоколи за соработка меѓу двете министерства и за соработка меѓу Директоратот за дипломатска едукација при Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Дипломатската академија при Министерството за надворешни работи на Република Албанија.
Македонија
|






























не гледам подобрување!
ги тепаат македонците во Голо Брдо, не им даваат да учат на македонски, а тука ни делат совети за Охридски договор и за македонскиот од прво оделение...лицемерие до даска! Пописот се знае, ќе им биде само декларативен за малцинствата, колку да измачкаат очи на НАТО и ЕУ, не очекувам ни 10% Македонци да бидат избројани. Би сакал и Македонија да научи малце манипулација од соседиве, тие и без демократија и без права за малцинства, пак влегоа во НАТО и ЕУ! значи мачкање очи треба.....
Коментирај