Македонија до 9 јуни со одговор на грчките контрааргументи во Хаг
17.03.2010 - 13:21 |
Република Македонија најдоцна до 9 јуни годинава до Меѓународниот суд на правдата во Хаг треба да одговори на контрааргументите на Грција за македонската тужба против неа за кршење на одредбите на Привремената билатерална спогодба од 1995 година со блокирањето на покана за членство во НАТО на Самитот на Алијансата во Букурешт.
Судот, како што се наведува на неговата веб страницата, потоа ќе и остави рок на Грција до 27 октомври да одговори на новите македонски аргументи. Судот го прифатил барањето на Македонија за обезбедување дополнителни четири месеци да го разгледа одговорот од Грција во првата фаза од постапката.
Хашките судии нотираат дека грчката Влада нема ништо против на Македонија да и се дадат дополнителни четири месеци, заради тоа што и Атина има исто толкав период да одговори на новите аргументи што Скопје до 9 јуни ќе ги достави до Судот.
Македонија поднесе тужба против Грција во Судот во Хаг на 17 ноември 2008 година со образложение дека Атина со блокадата на македонското членство во НАТО го нарушила член 11 од билатералната Привремена спогодба од 1995 година. Од Меѓународниот суд на правдата се бара да и наложи на Грција да ги почитува своите обврски предвидени од Привремената спогодба, која е правно обврзувачка за двете земји. Аргументите за тужбата ги достави во Хаг на 20 јули минатата година, по што и беше оставен шестмесечен рок на Грција да ја подготви својата одбрана, која му ја предаде на Судот на 19 јануари годинава. Сите писмени поднесоци остануваат доверливи се до евентуалниот почеток на усната расправа.
Македонската страна во Хаг ја застапуваат министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и амбасадорот во Холандија Никола Димитров. Двете земји имаат и свои ад-хок судии. За Македонија тоа е хрватскиот професор Будислав Вукас, а за Грција професорот по меѓународно право од Атинскиот универзитет Емануел Рукунас.
Според досегашната пракса на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, постапката за вакви спорови може да трае и неколку години. Пресудите што ги носи Судот се конечни и правно обврзувачки, а за нивното спроведување и почитување надлежен е Советот за безбедност на ОН.
Од формирањето во 1945 година судот во Хаг кој е главен судски орган на Светската организација, досега решавал 25 меѓудржавни спорови.
Поврзани вести
Македонија
|



















Коментирај