Коњановски: Министерството за одбрана со солиден буџет во 2010 година
Министерот за одбрана Зоран Коњановски денеска во Битола изјави дека буџетот на МО за 2010 година е добро испланиран и оти е во рамки на очекуваното.
- Буџетот на Министерството за одбрана е во рамките на очекуваното. Некои ќе помислат дека тоа се мали средства, други пак дека се многу, но најважо од се е како тие ќе се користат. Сведоци сме дека со годинашниот буџет направивме многу проекти во Министерството за одбрана и во АРМ бидејќи кога добро се планира се се може, истакна Коњановски.
Тој денеска во Битола го претстави проектот „Армијата за граѓаните“ со кој на плоштадот „Магнолија“ беше промовиран Воениот оркестар на АРМ, еден од најдобрите оркестри од ваков тип на Балканот.
Коњановски најави директна поддршка и помош на општина Битола за решавање на проблеми поврзани со објекти на АРМ во овој град
- Планираме да го решиме проблемот со Домот на АРМ во Битола кој сега е во надлежност на Министерството за култура. Јас разговарав со министерката Елизабета Канческа-Милевска, отворивме и дебата на владина седница и очекувам Министерството за култура да го врати Домот на АРМ на Министерството за одбрана, а потоа да се додели на локалната самоуправа во Битола, рече Коњановски.
Тој најави дека посебно значаен за овој ресор во 2010 година ќе биде проектот „Старите касарни за нов развој на општините“.
- Реализацијата на овој проект е посебно значајна за равојот на Битола. Ние како министерство во 2010 година ќе завршиме со излагањето на имотот, а во првата половина од идната година очекуваме и донесување на нов урбанистички план кој со планираните содржини од локалната самоуправа ќе овозможи во буџетот на општина Битола да се слеат многу средства и кои ќе може да се користат за други проекти, нагласи министерот Коњановски.
Со концертот на Воениот орксетар на АРМ на плоштадот „Магнолија“ денес во Битола воедно почна реализацијата на празничната новогодишна програма во градот.
Поврзани вести
Бизнис
|

















