01.10.2014 - 01:54 |
Последна промена пред 1 час 14 мин

Груевски најави ваучери од 5.000 евра за почеток на бизнис

Тоа ќе помогне на многу луѓе особено на оние кои ги немаат тие 5 илјади евра. Има млади луѓе кои имаат добри идеи за бизнис кои имаат можност да направат и бизнис план, но им треба одреден капитал за развој на планот и ние како држава на почетокот на следната година ќе почнеме проект со кој преку ваучерите ќе им помагаме во развојот на бизнис плановите, изјави премиерот и додаде дека ваков проект е спроведен во многу земји доста успешно и оти многу фирми почнале на тој начин, многу идеи се преточиле во бизнис и се вработиле не само еден човек, туку многу луѓе.

Студентите пак ќе имаат 50 проценти попуст при регистрирање на фирма. Наместо 2400 за првиот чекор ќе треба да одвојат само 1200 денари.

Владата донесе одлука цената за отворање фирма за студенти да се намали од 2.400 денари на 1.200 денари, а веќе размислуваме и таа бројка да се намали, така што она што го ветивме во програмата дека студентите кога ќе посакаат да основаат фирма ќе имаат 50 отсто пониски трошоци отколку сите останати е веќе реализирано  и може да се користи.  Тоа ќе помогне на многу студенти како што секаде во светот студентите сакаат да најдат начин поевтино да почнат бизнис.  Најчесто тие немаат доволно средства, но имаат добри идеи, ентузијазам и се подготвени да се обидат да направат бизнис и да најдат работа за себе, но и за многу други. Важно е дека ќе им се даде можност да можат да ја реализираат својата идеја, рече премиерот.

Со најавените мерки се очекува значително да се зголеми интересот за вложување во сопствените идеи. Премиерот Груевски се надева дека мерките ќе придонесат кон развој на бизнисот и отварање на нови работни места.

Борче Пауновски

Бизнис