Шеесет и четиригодишниот Ганиќ беше уапсен на 1 март на лондонскиот аеродром Хитроу, врз основа на меѓународната наредба за апсење издадена од Србија за убиство на војници на ЈНА во 1992 година.
Белград го обвинува Ганиќ дека наредил напад врз војниците кои се повлекувале од Сараево.
Со одлуката на Вишиот суд во Лондон, поранешниот политичар, а сега професор на Универзитетот во Сараево, ќе мора да остане во Велика Британија до одлуката за тоа дали да и биде предаден на Србија.
Одлуката за екстрадиција лондонскиот суд треба да ја донесе до крајот на овој месец. Владата во Белгард поради тоа до судот има испратено „обемна, нова документација и докази“ за одговорноста и за вината на Ганиќ за „тешкото злосторство“ извршено во мај 1992 година во Сараево, кога на улицата „Добровољачка“ беше нападнат конвој на поранешна ЈНА, при што беа убиени стотина и ранети на десетици војници.
Одбраната на Ганиќ тврди дека целиот случај со апсењето на поранешниот политичар од БиХ во Лондон, од пред десет дена е „исмевање на битанското правосудство“ од страна на српската Влада во Белград, затоа што во 2003 година Меѓународниот суд во Хаг заклучи дека „нема докази“ за било каква вина на Ганиќ.
Официјален Белград меѓутоа тврди дека се најдени нови докази, па според нив од пред четири месеци Ганиќ, заедно со уште некои други поранешни политичари од БиХ се ставени на листата за гонење за „воени злосторства“.
На денешната расправа во судот во Лондон присуствуваше и актуелниот претседател на претседателството на БиХ Харис Силајџиќ кој денеска престојува во Велика Британија, изразувајќи му ја поддршката на јавноста во неговата земја на уапсениот Ганиќ.