Македонија
10. July 2017 - 15:00

Академијата за судии и обвинители и Здружението на млади правници потпишаа Меморандум за соработка

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Анета Арнаудовска и претседателот на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) Зоран Дранговски денеска потпишаа Меморандум за соработка кој се однесува на соработката во подготовка и имплементација на проекти од заеднички интерес во областа на павосудството.

Потпишувањето на Меморандумот, како што рече Арнаудовска, е резултат на заложбите на Академијата за воспоставување соработка со релевантни домашни и меѓународни институции и организации од невладиниот сектор на полето на континуираната и почетната обука, но и на македонското правосудство во насока на зголемување на професионалноста и компетентноста на судиите и обвинителите во примена на националното законодавство и меѓународните стандарди.

- Согласно насоките за исполнување на политичките критериуми за полноправно членство на ЕУ, може да нагласиме дека Академијата е прва институција во правосудството која воспоставува трајни односи на дијалог и соработка со цивилното општество и невладиниот сектор, но не  само во правец на организирање заеднички обуки, работилници и семинари, туку и во правец на воспоставување вистинско партнерство и кооперативност, истакна директорката на Академијата.

Нашата визија, како што посочи, е оваа соработка да биде заснована на цврсти партнерски односи на доверба и меѓусебно разбирање на разликите, бидејќи судството и решавањето на судските предмети се ограничени со законските правила во однос на своето функционирање. Во контекст на тоа додаде дека граѓанскиот сектор треба да претставува вистински коректив и заедно со медиумите вистински „пазач“ на демократското одвивање на правосудните процеси, на остварувањето на заштитата на човековите права и слободи пред се на учесниците во судските постапки преку мониторинг на судењата, контрола на начинот на одвивање на сите судски процеси и остварувањето на владеењето на право на дело, а не на хартија.

-  Полињата на кои ја гледаме нашата идна соработка се детектирани во однос на областите на поголема примена на меѓународните стандарди во однос на независноста, ефикасноста, транспарентноста на судството, подобрување на квалитетот на обуката на кандидатите за судии и обвинители како подготовка за влез во оваа одговорна професија, рече Арнаудовска.

Претседателот на МЗМП Зоран Дранговски истакна дека со Меморандумот се предвидува подготовка и имплементација на проекти од заеднички интерес на Академијата и Здружението, кои ќе вродат со значајни резултати во областа на правосудството.

- МЗМП и Академијата меѓусебно ќе доставуваат информации за своите активности, публикации и истражувања на темите на кои што работат со цел за поголема заедничка информираност, додаде тој.

Како резултат на заедничката соработка меѓу Академијата и Здружението, како што најави Дранговски, ќе биде организирана и летна школа.

Тој во оваа пригода ја презентираше работата на Македонското здружение на млади правници, чија мисија е обединување на младите правници, нивна континуирана едукација и насочување, со цел да се подигне квалитетот и професионалноста во правната заедница и да се зајакне принципот на владеење на правото во Република Македонија.