Македонија
8. September 2015 - 16:38

8-ми септември во Македонската историја ќе остане сведок за завршницата на формирањето сопствена држава

8-ми септември во Македонската историја ќе остане сведок за завршницата на формирањето сопствена држава, за која се бореле генерации наши предци кои ги положиле своите животи. Зборот Македонија се провлекува низ вековите кога овој народ бил под секаква окупација, но останал како сврзно ткиво кое не дозволило губење на идентитетските вредности.

Некогаш бил империја, некогаш географски поим, некогаш историски поим, некогаш регион, некогаш провинција, некогаш под тоа име, а некогаш наметнато привремено друго име, некогаш, гласно, некогаш тивко, некогаш тајно, некогаш забрането, некогаш дозволено, некогаш јавно, некогаш признаени, некогаш непризнаени, некогаш со посилни, некогаш со послаби чуства, но овде на оваа почва, еден збор, зборот Македонија, е нешто што се наоѓа во секој век, ако се раскопа низ археологијата, книгите, записите, белешките, мемоарите, делата на патеписците, монетите,архивите, хроничарите, или било која друга историска анализа.

Стремежот на македонецот кој добива на интензитет кон крајот на 19 век со формирањето на Македонската Револуционерна Организација, продолжил во Балканските и Светските војни, а вековниот стремеж за слобода и независност беше крунисан пред 24 години.

Јас лично бев студент во тоа време, само што бев наполнил 21 година, и одкога гласав во текот на денот, вечерта бев во толпата народ на плоштадот Македонија, каде го очекувавме објавувањето на резултатите од референдумот. Точно памтам на кој дел од плоштадот стоев и сликата од таа возбудлива вечер ја помнам како да била вчера. Одкога се соопштија резултатите и се случна еуфоричната радост, памтам дека прокоментирав: направивме своја држава.

Според премиерот од 8ми септември 1991година сме свои на своето. Од тогаш па наваму главниот предизвик е како подобро да се уреди животот и функционирањето на нашата држава, во рамките на демократските принципи, и како побрзо во секој поглед да ги достигнеме стандардите на заедниците во кои стремиме, ЕУ и НАТО.