Македонија
18. March 2018 - 16:35

500 кражби минатата година на југоистокот на земјава - најранливи за крадците се пензионерите

Куќите, становите и продавниците се најчестата мета на крадците од југоистокот. Минатата година во овој дел од држвата биле регистрирани близу 500 кражби, од кои над 250 тешки.  Од нив околу 180 биле  во куќи и станови, а близу 50  во продавници и угостителски објекти.  Се крадело и од патнички моторни возила, лани биле регистрирани 49 такви случаи.  Честопати крадците не оперираат сами, туку се организирани и во групи, посебно во делот на тешките кражби.

Таков беше случајот пред десетина дена кога полицијата откри две различни групи во Радовиш и Струмица кои за околу два месеци извриле 35 кражби.   Полициската статистика покaжува  дека најчесто предмет на напад им се пари, но во голем број случаи тие со себе носат и накит, компјутери и различни предмети од домакинството, но и акумулатори и авто  делови. Од полицијата информираат дека освен   што работат   на откривање на крадците,  тие континуирано спроведуваат и  голем број едукативвни активности со цел поголема заштита на граѓаните од кражби.

,, Полициските служби вложуваат максимален напор проактивно да одговорат на потребите и очекувањата на граѓаните. Преку советодавни групи на граѓани и  директни средби со граѓаните  полициските службеници укажуват на поголема безбедност,  делат летоци кои содржат препораки како да го заштитат домот, имотот, личните предмети и како да се заштититат себеси од ризикот да станат потенцијална жртва на криминал.,, вели Хризантема Рендевска – портпарол на СВР Струмица

Посебен акцент во делот на едукацијата се става на пензионерите како една од најранливите категории  граѓани кои многу често може да бидат не само предмет кражби, туку и на измами и манипулации.