Македонија
2. April 2024 - 19:41

2-ри април Меѓународен ден на лицата со аутизам

Стари правилници за работа во дневните центри, закон за инклузивно образование кој три години стои во фиока, немање регистар за лица со попреченост, ова се само дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат родителите на овие деца. На меѓународниот ден на лицата со аутизам ги потсетија институциите дека со секој нов ден проблемите се зголемуваат, а резултатите од инклузијата се речиси невидливи. 

За да се видат проблемите со кои се соочуваат и родителите и децата неопходно е да се запознае нивната суштина, вели Коста Тимов, родител на дете со аутизам. За вистински да ја видат реалноста во која живеат овие семејства тој предлага функционери и стручни лица да бидат нивни гости по неколку дена.

По повод меѓународниот ден на лицата со аутизам хуманитарното здружение Говорот на срцето од Босилово во партнерство со општина Босилово организираа креативна работилница на која учествуваа претставници од повеќе здруженија на лица со попреченост. Во рамки на настанот се одржа и дебата околу проблемите и потребите на овие лица.