Македонија
26. April 2026 - 16:38

ЗНАМ нема став за двојните државјанства на пратениците

Над 170 амандмани пратениците утре ќе треба да разгледаат за законските измени предложени од власта, од идниот мандат лица со двојни државјанства да не можат да станат народни избраници. Законодавно-правната комисија е веќе закажана, а досега разгледани беа амандаманите за измените кои предвидуваат укинување на техничката влада по идните парламентарни избори.
Движењето ЗНАМ се уште нема став по прашањето за двојните државјанства. Ќе го почекале конечниот текст на законските измени, па ќе соопштеле.

„Дали е доволно само овој Закон да се промени за пратениците со оглед на тоа што и во Уставот и во други законски прописи дозволено е да имаме повеќе државјанства од едно?“

- Конзистентен е ставот на ЗНАМ и по однос на Изборниот Законик. Ако се сеќавате ние предложивме идниот собраниски состав да биде со 90 пратеници, да има Една изборна единица и да се смени начинот на финансирање на политичките партии. Вклучително за ова што вие го прашувате, ако се отвора Уставот ќе треба да се дискутираат и овие прашања. 

Порпаролот на ЗНАМ ги праша СДСМ зошто се заканија за повлекување од Работната група за подготовка на новиот Изборен Законик и дали подготувуваат сценарио за целосна блокада на неговото изготвување.

- Дали следниот чекор е напуштање на Законодавниот Дом од страна на пратениците на СДСМ со крајна цел - бојкот на парламентарните избори кога и да се одржат? Дали вистинската причина е стравот од соочување со граѓаните и од извесен катастрофален изборен пораз по кој како следствен чекор по таков катастрофален резултат ќе следува и потребата од оставка на Филипче од челната позиција на СДСМ, рече Мемов.
СДСМ реагираше - ЗНАМ се платеници чија задача беше да го ослабат СДСМ и се само сателит на владејачката ВМРО-ДПМНЕ:

ЗНАМ „засега“ нема став за законот за забрана на двојно државјанство. Мемов вели дека ставот „ќе го има кога ќе заврши внатрешната дебата“. Колку лицемерие може да се собере во една партија? ЗНАМ нема идеологија, нема програма, па затоа нема ни став. Тие не знаат дали се центар или десница. Всушност, тие не знаат ништо, бидејќи се обична сателитска партија создадена од ВМРО со единствена цел, да ја уситни и ослабне опозицијата, велат од СДСМ.

Во дебатата за двојните државјанства на пратениците се вклучи и претседателката на државата. Сиљановска Давкова е на ставот дека дека постои правна можност за ограничување на двојното државјанство, но покрај за пратениците, тоа ограничување треба да важи и за членовите на Владата и за претседателот на државата.