Македонија
28. November 2026 - 16:34

Жена од гостиварско брутално претепана од сопругот

Два дена траел хоророт што во сопствениот дом го преживувала 42 годишната жена од гостиварското село Топлица. Бруталното тепање од 10 години повозрасниот сопруг почнало во четвртокот, а траело се до вчера напладне. Крај на насилството ставил таткото на сопругот – повикал полиција, жената завршила во болница, а мажот бил привиден.

„Вчера во 14 часот и 10 минути во гостиварско село, полициски службеници од Полициското одделение Галате го лишиле од слобода М.М.(52) од селото, лице со нарушено ментално здравје. Претходно, неговиот татко пријавил дека околу 12 часот и 30 минути во семејниот дом физички ја нападнал својата 42-годишна сопруга, при што употребил остар предмет и ѝ нанел повреди.  При лишувањето, тој давал отпор и физички нападнал полициски службеници и повредил еден од нив. За настанот е известен јавен обвинител, а М.М. бил спроведен во Психијатриска болница – Скопје“, изјави Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.

По укажната прва помош во гостиварската болница, жената итно била префрлена на скопските клиники. Пристигнала во безсознание, со лице деформирано од ударите, крварење во мозокот и скршени ребра.

52 годишниот маж по приведувањето е префрлен во психијатриската болница во Бардовци и според информации на Сител, тој е во добра здравствена состојба. За него, полицијата досега немала пријави за семејно насилство, но тој бил регистриран сторител на други кривични дела како кражби, нарушување на јавен ред и мир, за што издржувал и затворски казни.

На расчистување на случајот, сега работи Јавното обивнителство.. Била активирана процедурата за итна меѓуинституционална координација при случаи на семејно насилство, како и Центарот за социјални работи. Од доказите што ќе бидат обезбедени ќе зависи за кое кривично дело ќе се гони 52 годишникот.

Во меѓувреме, случајот предизвика и политички рекации. Опозициската СДСМ го повика собранискиот спикер да свика итна седница на која ќе се расправа за постапувањето на институциите во спречувањето на насилството врз жените и заштита на жртвите.

„Затоа бараме пред Собранието да се одговори зошто нема одговорност, што се случува по секоја пријава, кој го проценува ризикот и кој проверува дали мерките за заштита се спроведуваат. Таму каде што имало пропусти, мора да има одговорност“

Полицискиот билтен и денеска бележи нови случаи на семејно насилство. Во четири различни случаи, жртви биле две жени, еден маж и малолетник кој бил нападнат од својот татко.

Случајот со жената од гостиварско се случува во време кога се одбележуваат 16 дена активизам против родово базирано насилство.