Свет
25. јуни 2016 - 8:42

Земјите основачи на ЕУ на консултации во Берлин по вчерашната одлука на Британија

Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмаер денеска во Берлин е домаќин на неговите колеги од шесте земји основачи на Европската унија.

На покана на Штајнмаер во главниот град на Германија само 24 часа по одлуката на Велика Британија да ја наушти ЕУ ќе пристигат министрите за надворешни работи на Франција, Жан Марк Еро, на Холандија Берт Коендерс, на Италија Паоло Џентилони, на Белгија Дидие Рејндерс и на Луксембург Жан Аселборн, кои заедно ќе ги разгледаат „актуелните европски политички прашања“, јави дописникот на МИА од Берлин.

Една од можните теми на разговорите во Берлин се чекорите кои Унијата треба да ги направи по најавите дека националистички партии во неколку членки на ЕУ би можеле да побараат референдум сличен на британскиот. Иако засега нема најава дека и некоја друга земја членка на ЕУ е заинтересирана за напуштање на Унијата, според стратешки документи на Министерството за финансии во Берлин до кои дојдоа германските медиуми може да се очекуваат барања за референдум во Франција, Австрија, Финска, и Унгарија.

Во изјава за телевизијата ЦДФ, Штајнмаер вчера изјави дека на земјите членки им претстои тешка задача пред започнување на преговорите за излез на Велика Британија и дека европските лидери се подготвени да зацртаат нов курс за решавање на високата невработеноста кај младите и други прашања кои станаа актуелни со референдумот во Велика Британија.

Според Штајнмаер, ЕУ сега треба да се фокусира на обнова на силна Европа, а не да се бараат разлики со Велика Британија.

- Треба да ја прифатиме одлуката која што беше донесена, а не да бараме можност за реванш, истакна Штајнмаер, кој денеска со своите колеги од земјите основачи на ЕУ ќе ги договара следните чекори на ЕУ во врска со одлуката на Велика Британија, која од темел ја потресе организацијата промовирана во 1950 година од тогашниот француски министер за надворешни работи Роберт Шуман.