Македонија
30. August 2015 - 9:42

Заврши 11 - тата ликовна колонија „Папрадишки мајстори“ 2015

Во Куќата на Касапови или попозната како Куќата што лебди во стариот дел на Велес со доделување на благодарници на учесниците, свечено беше затворена 11-тата по ред Ликовна колонија „Папрадишки мајстори 2015“.
 
На колонијата, 23 ликовни уметници, од кои поголемиот дел сликари и двајца скулптори, во изминатите десетина дена создадоа 39 уметнички слики главно масло на платно, мал број графики и три скулптури.
 
Годинава на колонијата „Папрадишки мајстори 2015“, учествуваат уметници од Полска, Русија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија, Унгарија и Македонија.
 
Како што појасни за медиумите Ангел Коруновски, раководител на колонијата, годинава се создадени врвни дела, а за првпат имало и селектор уметникот Александар Таневски од Скопје, кој ги селектирал уметниците за учество на колонијата.
 
- Колонијата се повеќе добива на квалитет и се повеќе е привлечна и позната не само за ликовните уметници од Балканот туку и пошироко, потенцира Коруновски.
 
Весела Долинска млад ликовен уметник од Пловдив од Бугарија изјави дека првпат е во Македонија и на колонијата. Ја оценува како одлична за работа.
 
- Многу ми се допадна Велес со неговата стара архитектура и околината и затоа нацртав пејсажи од Велес. Бев и во Охрид и многу ми се допадна, а од Македонија ќе понесам многу убави спомени, потенцира Долинска.
 
Иван Чолаков скулптор и професор по ликовна уметност од Бугарија, кој исто така првпат е на колонијата и изработи склуптура – тело од девојка - муза во дрво. Оцени дека колонијата е одлично организирана.
 
Оксана Диган ликовен уметник од Русија рече дека многу и се допаднал Велес и Македонија, а впечаток и оставиле Македонците како многу дружељубиви луѓе.
 
- На колонијата ми беше важно да видам како работат моите колеги од други земји и да размениме искуства. Многу ми се допадна стариот дел на вашиот град, се будев рано и цртав во мугрите кога изгрева сонцето и сето тоа го преточив во моите слики. Колонијата е можност за создавање на мост меѓу уметниците од Балканот и Европа, а ја оценувам и како одлично организирана, потенцира Диган.
 
Создадените дела од ликовната колонија „Папрадишки мајстори 2015“ по традиција“ ќе бидат изложени на ликовна изложба во Ликовниот салон, а по повод Денот на Велес 9 - ти ноември.