Македонија
24. September 2018 - 13:56

Започна изградбата на урбаниот сквер меѓу Тафталиџе 2 и Нерези

Општина Карпош започнува со изградба на новиот урбан сквер - зелен парк, на потегот меѓу Тафталиџе 2 и Нерези, во близина на автобуската постојка на последна 24-ка. Станува збор за инвестиција од речиси три милиони денари, средства кои Министерството за животна средина и просторно планирање ги додели на општината.

- Просторот ќе биде целосно опремен со нова урбана опрема, клупи за седење, корпи за отпадоци, штедливи лед-светилки, како и детско игралиште. Постоечкото зеленило ќе го надградиме со нови садници и дополнително ќе го уредиме, рече градоначалникот Стефан Богоев.

Рокот за изведба на овој сквер е 30 дена, а пред пет месеци, во април, на оваа локација се одржа и јавна презентација на проектот пред засегнатите граѓани кои живеат во околината.

- Ова е начинот на кој ќе комуницира општината и во претстојниот период, а со членството на нашата држава во Европската Унија, дополнително ќе се зголеми вклученоста на граѓаните и организациите во процесот на донесување на одлуки на локално ниво, истакна градоначалникот.

Тој најави дека општина Карпош продолжува да се фокусира на микро локациите и на разубавување на просторот меѓу зградите. Покрај тековното одржување на хигиената, обновата на детските игралишта, локалната самоуправа е посветена и на овозможување на повеќе содржини за рекреација на сите граѓани и зголемување на зелените површини.