Свет
30. April 2022 - 12:55

Загина првиот Американец, кој се бореше на страната на Украина

Семејството на Вили Кенсел вчера соопшти дека тој загинал во Украина, и дека е првиот Американец кој загинал затоа што се борел на страната на украинската војска.

Поранешен маринец, 22 годишниот Американец од Тенеси отишол да се бори на страната на Украина. Тој потпишал договор со приватна воена фирма, изјави за Си-ен-ен Ребека Кабрера, мајката на Вили.

– Тој замина бидејќи веруваше во она за што Украинците се борат, и сакаше да биде дел од тоа, сакаше да помогне во ликвидација на конфликтот, за тој конфликт да не се префрли овде, и за Америка да не биде вовлечена со повеќе свои војници, рече Кабрера.

Кенсел остави зад себе сопруга и седуммесечен син.

– Испраќаме сочувство до семејството. Немаме уште добиено официјална потврда но ги видовме извештаите. Знаме дека многумина сакаат да помогнат, но ги охрабруваме Американците да најдат друг начин да го направат тоа, наместо да патуваат во Украина. Таму е активна воена зона и постојат многу ризици, изјави синоќа портпаролка на Белата куќа, Џен Псаки.