Македонија
28. August 2017 - 15:00

Заев:Треба да си помагаме едни со други како што налага и верата христијанска

Премиерот Зоран Заев денеска го посети Берово и манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, од каде на сите христијани им го честита празникот и им посака здравје, среќа, личен и колективен бериќет. 

Заев оствари средба со граѓаните на Берово, а ги посети и се запозна со производството на традиционалните рачни изработки и еколошки производи изложени на штандовите од саемот „Малешевијата на дланка“. Тој е за прв пат во Берово на овој празник како премиер.

- Берово е една од моите соседни општини и често сум овде со пријателите и со беровци, и тука заедно како што си личи величенствено на овој парзник. Нашиот народ треба да е заедно да си помагаме едни со други, да си подадеме рака, онака како што налага и верата христијанска. Во тоа име еве овде од центарот на Берово сакам да им го честитам на сите христијани денешниот празник, да им посакам здравје, среќа, личен и колективен бериќет на граѓаните на Република Македонија, истакна Заев.

Тој потенцираше дека општините во севкупниот живот на граѓаните се сериозен фактор со влијание во секојдневниот живот па, во пресрет на локалните избори, како што додаде, владејачката партија ќе ги бира кандидатите за претстојните локални избори по терк на граѓаните креиран од анкетите кои се во тек.

- Ја давам оваа изјава во една победничка општина, почнаа да стигаат резултатите кои ќе ни бидат водилка. Изборните органите на партијата се веќе формирани, а овие денови ќе почнеме да ги носиме одлуките и за кандидатите за градоначалници и советници и среќен сум што има многу кандидати кои претендираат за овие функции во СДСМ што не беше порано така. Но, оние кандидати кои имаат најголема поддршка ќе ја добијат нашата доверба, бидејќи ветивме долг период да бидеме сервис на граѓаните. Анкетите покажуваат дека партиите се од секундарно значење, важни се кандидатте и програмите, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека очекува регуларни кредибилни избори, фер и демократски, при што граѓаните ќе ги изберат првите луѓе на општината и советниците.

- Општините се серизен фактор на влијание во секојдневниот живот на граѓаните, под нив се училиштата, градинките, комуналните претпријатија, допираат во секоја сфера од животот и семејството. Затоа да бидеме паметни, да кандидираме добри кандидати за градоначалници кои се по мерка на граѓаните, истакна Заев.

Претходно, премиерот Заев присуствуваше на утринската литургија во манастирот „Свети Леонтиј“ во Водоча, а го посети и Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица.