Македонија
21. May 2021 - 16:33

Заев за предлогот на Силва и Вархеји: Важно е што никако не се допира во нашите македонски идентитетски прашања

Имаме добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите со ЕУ со решение кое не задира во македонските идентитетски прашања и за кое сме убедени дека е прифатливо и за круцијалните позиции на Бугарија, оцени премиерот Зоран Заев за предлог решенијата на министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика Оливер Вархеји

Силва и Вархеји попладнево во Клубот на пратениците во Скопје, пред премиерот Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на допломатијата Бујар Османи, ги презентираа предлог-решенијата за надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, кои имаат за цел да гo деблокираат отворањето на преговорите на земјата со ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција.

– Министерот за надворешни работи на Португалија Силва и еврокомесарот Вархеји денеска донесоа предлог решение чија цел е надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Јас, со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаме сите детали од предложеното решение. Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија. За нас, особено важно е што со ова предлог-решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија, изјави Заев по состанокот со Силва и Вархеји.

Тој смета дека е вистинскиот момент да се оди чекор понатаму, и час поскоро да се постигне договор во интерес на заедничката европска иднина, а тоа како што наведе, „го очекуваат и го бараат граѓаните на двете земји, го очекуваат Европејците, тоа а си го должиме себеси, тоа му го должиме на народот“.

Заев им се заблагодари на Силва и Вархеји за ангажманот да им помогнат на Скопје и Софија да се реши проблемот.

– Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ, истакна Заев.