Македонија
6. May 2021 - 16:51

Заев се вакцинираше со кинеската вакцина од Синофарм

Точно на пладне му дојде редот за вакцинација и на претседателот на Владата. По речиси три месеци откако во земјата е почната имунизацијата, Заев денеска ја прими првата доза од Синофарм во пунктот во Борис Трајковски. Терминот му бил закажан во кабина 43 и по боцкањето согласно протоколите одмораше 15 минути пред да ја напушти салата..

Премиерот по вакцинацијата кажа дека се чуствува добро и ќе продолжи со работните обврски а надвор пред Борис Трајковски 40-тина минути даваше и изјави за медиумите.

„Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда и во попладневните часови. Со дозите вакцини кои пристигнаа минатата седмица и со дополнителните количини кои ќе пристигнат во претстојниот период, верувам дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на население кое ќе биде вакцинирано и тоа ќе ја промени сликата на епидемијата кај нас, изјави Зоран Заев, премиер.

Заев ги повика граѓаните масовно да се пријавуваат на вакцинација.мк, за што поскоро да стигнеме до колективен имунитет.

-Вакцините се безбедни, проверени тестирани и навистина колку побрзо заврши процесот на имунизација толку побрзо ќе заврши борбата со овој невидлив непријател пандемијата од Ковид-19, изјави Заев.

Покрај премиерот вакцини денеска примија и членови од неговиот кабинет а изминатиот период заштита од ковид 19 добија и пратениците.

 Податоците од министерството за здравство покажуваат дека досега вакцина и ревакцина примиле над 92.000 граѓани, што е речиси 5 проценти од населението. Граѓаните немаат право на избор туку со што ќе бидат боцнати дознаваат кога ќе стигнат во избраниот пункт.