Македонија
22. јуни 2020 - 16:37

Заев бара одговорност за „Рекет“. ВМРО-ДПМНЕ: Одговорноста е кај Заев

Одговорност и санкции бара лидерот на СДСМ Зоран Заев за сите споменати во новобјавените аудиобомби од случајот „Рекет“, а во кои наводно  се слушаат Зоран Милевски Кичеец и адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова, и Боки 13 за сума од 6 милиони во замена за укинување на притворот на бизнисменот Камчев.

Системски проблемот со корупмпирано правосудство лидерот на СДСМ вели дека ќе се реши со ветинг на судии, обвинители и адвокати. Заев негира поврзаност со случајот.

Од опозицијата пак, велат дека Заев не бара вистинска одговорност од луѓето кои се слушаат на снимките бидејки знае дека одговорноста ќе заврши кај него.

По повиците на власта и опозицијата за проширување на случајот „Рекет“ на нови лица, обвинителката за организиран криминал и корупција  Рускоска за „Сител“ коментира дека е директно мешање на политиката во нејзината работа.

Објавувањето на аудио снимки од анонимни канали преку интернет се интензивираше по пресудата за Рекет со која Бојан Јоовановски доби 9, а екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева – 7 години затвор, но и непосредно пред почетокот на кампањата за изборите на 15 јули.