Македонија
10. October 2025 - 16:42

Задутре почнуваат новите правила за влез и излез од ЕУ

Задутре ќе профункционира новиот систем за влез и излез од Европската унија. При вашето прво патување, кога ќе пристигнете на аеродром или граничен премин во Шенген зоната, ќе треба да пополните документ со лични податоци. Граничната полиција ќе ви земе отпечатоци од прсти и ќе ви го фотографира лицето. При повторно патување, системот ќе ве препознае и автоматски ќе знае кога сте влегле и излегле од Шенген и дали е пречекорен дозволениот престој од 90 дена. 

Токму ова ќе им создаде проблеми на македонските транспортери, велат од асоцијацијата „Макам транс“. 

„Превозниците не можат да имаат толкав број возачи колку што е потребно да се опстојува и да се работи нон стоп. Ќе имаме намалување на капацитетите. Ќе дојде до тоа да голем број возила ќе стојат чекајќи газдата да прати некој друг возач кој нема исполнето 90 дена за да може да го продолжи превозот. А тоа е опасност за самото возило, за стоката која се пренесува. Возачите ги депортираат како криминалци да се, што е стварно страшно. Одредени држави изрекуваат казни. А знаеме дека возачите не престојуваат. Возачите работат“ - Биљана Муратовска, асоцијација на превозници „Макам транс“

Според Муратовска, последици ќе има за цела економија. 

„За жал, дел од превозниците почнуваат да размислуваат да го селат капиталот во држави од ЕУ како Словенија, Чешка..со цел да немаат вакви проблеми. Од друга страна возачите вадат странски пасоши за да не можат да работат непречено. Генерално, превозниците ќе имаат штета, меѓутоа ќе има штета и нашата држава во целост, стопанството, буџетот, бидејќи ќе се намали обемот на работа“ - Биљана Муратовска, асоцијација на превозници „Макам транс“

Проблем може да бидат и долгите редици на граничните премини, иако очекувањата се дека целата процедура ќе трае од 3 до 5 минути по човек. Ако вашиот автомобил е полн, тоа значи вкупно 20 минути. Ако одбиете да дадете податок, влезот нема да ви биде дозволен. 

Новите правила ќе ги применуваат 29 европски земји, постепено. Рокот за целосна имплементација е 10 април 2026 година. 

Од следната година, македонските граѓани ќе мора да го користат и EТИАС – електронско овластување, кое бара патниците однапред да се регистрираат преку апликација и да платат такса од 20 евра.