Македонија
25. December 2015 - 8:39

За 24 часа во 10 сообраќајки во Скопје, 11 повредени

Во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно 10 сообраќајни незгоди.

Од нив, шест се со последица материјална штета и три се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле седум лица.

Се случила и една незгода со последица тешка телесна повреда во 18 часот и 30 минути на регионалниот пат Скопје – Куманово во која учествувало патничко моторно возило „мерцедес“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓани на Скопје. Возачот изгубил контрола врз возилото и удрил во бетонски столб на ЕВН Македонија. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил еден сопатник, а со полесни возачот на патничкото моторно возило и двајца сопатници.

Вчера од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 22 возачи коишто не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото. Седум возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, седум возачи не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, односно не ги почитувале правилата за првенство на минување на возилата во зона на крстосница, како и осум возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосница. Санкционирани се и 10 пешаци кои сториле прекршоци по рази основи.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот изминатиот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 72 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје и денеска продолжува со предавања во средните училишта на подрачјето на градот Скопје на тема „Влијанието на алкохолот, дрогата и други психотропни супстанци врз безбедноста во патниот сообраќај“ на кои ќе присуствуваат учениците од трета и четврта година.

Во недела, 27 декември, во периодот од 12 до 13 часот ќе се одржи културна манифестација - Новогодишна дедомразовска трка. Учесниците трката ќе ја започнат од плоштадот „Македонија“ преку „Порта Македонија“, во продолжение по улица „11 Октомври“, лево по улица „Филип Втори Македонски“, покрај Министерството за надворешни работи и Археолошкиот музеј, близу Камениот мост па се до плоштадот „Македонија“. Со цел непречено и безбедно одвивање на дедомразовската трка од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а по потреба и физичка регулација на сообраќајот.