Балкан
9. November 2022 - 14:16

Вучиќ за атентатот: Ќе се појават нови информации, знаеме кој требало да биде извршител

„Ќе се појават нови податоци, имаме нови пакети симнати од телефонот“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, коментирајќи ги вчерашните наводи на сведокот соработник Срѓан Лалиќ од судењето на Веља Невоља, дека групата на Вељко Беливук планирала атентат врз него. Тој посочи дека службите имаат информации кој требало да учествува во извршувањето и на првиот и на следниот планиран атентат, јави дописникот на МИА од Белград.

-Нашите служби не можеа да измислуваат нешто. Ќе се појават нови податоци, имаме симнато нови пакети од телефонот. Почнаа да зборуваат за убиството и нападот на мене, сега имаме потврди и знаеме кој се учествувал во тие приказни. Кој требаше да учествува во извршувањето и во првиот и во следниот обид, рече Вучиќ на прес-конференција.

Атентатот наводно бил планиран за време на откривањето на споменикот на Стефан Немања на Савскиот плоштад во Белград.

Вучиќ рече дека тој ден, поради големата површина на која се наоѓал, биле ангажирани сите снајперисти и специјалци што ги има Србија и дека одбил да носи панцири. -Во тој момент се свртев кон (Александар) Вулин, пред да тргнам кон говорницата и го прашав: „Што е, зошто се тресеш од страв“, рече Вучиќ.

„Ако ја доведовме земјата до точка кога криминалците можат да го убијат шефот на државата, тогаш тоа зборува за нас. А криењето од мојот народ не ми паѓа на памет. Се додека сум жив ќе одам кај мојот народ, и нема да носам панцир, повтори Вучиќ.

Тој посочи дека државата победува во борбата со мафијата, но дека се уште има многу проблеми.

-Во најголем дел ѝ ја отсековме главата, но има уште разни нервни завршетоци и многу проблеми со кои се соочуваме, така да ќе треба тоа да го решаваме во наредниот период, заклучи Вучиќ.

Вчера во Специјалниот суд во Белград продолжи рочиштето за случајот на кланот на Вељко Беливук, а сведокот-обвинет Срѓан Лалиќ при изнесувањето на своите сознанија истакна дека во опција имало и обид за атентат врз претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

-Звицер обезбеди околу 5 милиони евра и логистичка и друга помош на делот на службата за прилагодување на политичката клима за да се донесе на власт некој кој би бил подобен и ќе работи во интерес на кланот. Имплементацијата беше во тек, пред се преку социјалните мрежи. Го гледаа претседателот како најголема закана откако и објави војна на мафијата, во која се препознаа, и се споменуваше атентат како последно средство, рече Лалиќ во своето обраќање.