Македонија
2. March 2022 - 14:32

Втор ден расправа за разрешувањето на Фадил Зендели од Комисијата за прашања на изборите и именувањата

Пратениците денеска втор ден расправаа за Предлог-одлуката за разрешување член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија.

Согласно Деловникот на Собранието, како што се наведува во предлогот, врз основа на бројот на пратеници, во оваа комисија на Движењето Беса не му следува член во Комисијата и се предлага разрешување на пратеникот Фадил Зендели. Предлогот е поднесен од Талат Џафери, Јован Митрески, Горан Мисовски, Диме Велковски, Снежана Калеска Ванчева, Дарко Каевски, Даниела Николова, Боби Мојсоски, Панчо Минов, Марија Георгиевска, Жаклина Лазаревска.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека на еден недемократски начин, брутално се крши Деловникот на Собранието и Уставот, се вметнува точка за разрешување пратеник од работно тело без предлог и одлука од Комисијата за избори и именувања. – Тоа е нешто што во 30-годишната историја на плурализмот на парламентарната демократија и функционирање на македонското Собрание менувајќи се многу состави на пратеници во Собранието, многу претседатели, многу владејачки коалиции и партии се нема случено никогаш, рече Мицевски. Тој информира дека во текот на вчерашниот ден поднеле 400 амандмани во архивата согласно Деловник и посочи дека немаат одговор каде завршиле нивните амандмани.

Снежана Калеска – Ванчева од СДСМ образложи дека Зендели по негова лична одлука решил да стане дел од опозиција и порача дека треба да се почитува волјата на народот и да се почитува соодносот во сите работни тела.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека разрешувањето пратеник од работно тело без одлука на Комисијата за прашања на изборите и именувањата не е деловнички и демократски чин. Додаде дека се „гази“ Уставот и интегритетот на пратеникот. Според него, она што му е најдено како најголема забелешка на Зендели е тоа што, како што рече, тој даде придонес да не победи кандидатот за градоначалник на ДУИ во Гостивар.

Пратеникот Халил Снопче рече дека од вчера Алијанса за Албанците одлучиле да не бидат вклучени во, како што рече, овој театар инсталиран од страна на Владата за разрешување на Фадил Зендели од Комисијата за прашања на изборите и именувањата. – Се работи за преседан бидејќи првпат е Собранието да заземе ваков чекор, да разрешува член на Комисијата, без да има мислење од соодветната комисија. Се случува првпат и кај нас потоа нема принцип и ќе има вторпат, третпат и нема излез, рече Снопче, додавајќи дека се стопираат реформите.

И Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците смета дека се прави, како што рече, опасен преседан, кој за сите генерации ќе може да служи како пракса.

Пратеникот Зендели објасни дека има повеќе прегазувања на одредбите од Деловникот на Собранието, поточно член 108 и посочи дека има политичко прашање, политичка волја. Нагласи дека како член на оваа Комисија од 2017 година немало во ниту еден случај, како што рече, од моја страна тенденција за блокирање, за спречување, без разлика дали сум бил член на опозиција или на мнозинството. Според него, немало ниту во еден момент такво нешто мнозинството да најде причина или изговор дека треба нешто да се одземе, дека се спречува работата во Комисијата. Целата работа е, како што рече, предрасудите кои ќе се случат Уставниот суд и другите институиции што остава простор за сомнеж.

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ рече дека денешната седница на дневен ред се ставени законот за внатрешни работи и законот за полиција. Тоа се закони од безбедносна сфера, за кои, како што рече, опозицијата воопшто не е консултирана, а, амандманите на опозицијата беа експресно одбиени.

Како последна точка на дневен ред на 64. седница е Предлог на декларација по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, поднесен од група пратеници од опозицијата.

Пратениците се на редовна пауза, а седницата ќе продолжи во 15:30 часот.