Втор ден генерален штрајк на приватните специјализанти
Приватните специјализанти утрово продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера изутрина. Преку соопштение, тие синоќа информираа дека штрајкот ќе продолжи и денеска, сѐ додека Министерството за здравство по денешната седница на Влада, не излезе со официјален став за нивните барања. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за понатамошните чекори.
Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.
Нивни претставници вчера попладне имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката за здравство Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека денеска по владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот.
- Најглавното што беше кажано на средбата е дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеме некаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување. Истиот одговор го добивме и за другите наши барања, дека е предизборен период, изјави вчера по средбата во Владата, д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.
Таа нагласи дека го негираат тврдењето оти штрајкот има политички контекст.
Министерот за здравство во текот на вчерашниот ден на прес-конференција побара трпение од приватните специјализанти. Најави дека по изборите ќе направи напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.
- Ова е многу битно. Направивме компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, на ваквите специјализанти, пред 2017 година и каква е сега. Има голема разлика оти до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни. Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции. Но, за тоа треба буџетирање што не може сега да се оствари пред изборите, рече Демири, на прес-конференцијата на која беше објавено дека ќе се воведат деветвалентни ХПВ вакцини.
Ново на Сител
-
Пад на индустриското производство од 7,9% во септември
-
Тема на денот со Благој Бочварски, СДСМ
-
Први пратенички прашања за Мицкоски, Филипче му побара оставка
-
Реакции по извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија
-
Екс министерката Костадиновска заработи кривична пријава за Универзална
-
Се уште нема никаква одговорност за смртта на 14 месечното бебе од Гошинце
-
АХВ: Потврден случај на птичји грип кај угината гуска во Злокуќани
-
Побарано да се забрани внес на нови животни во скопската зоолошка