Возачот кој ја прегази Фросина осуден на 12 години затвор
Возачот кој ја прегази Фросина Кулакова доби 12 години затвор. Според пресудата, Васил Јованов е прогласен за виновен бидејќи без возачка, на црвено и под дејство на алкохол удрил во Фросина додека таа на зелено светло минувала на пешачкиот премин. Висината на казната, судот ја донел според околностите и поранешниот живот на возачот.
Бил млад, признал вина, изразил сочувство, ама се ценеле и неговите претходни сообраќајни прекршоци. Влијаела и затворската казна од три и пол години за поседување дрога. Но, според судот, ниту тоа не го вклучило алармот кај Јованов за преиспитување на сопственото однесување.
„Наместо да се одврати од било какви понатамошни судири со законот, токму во периодот додека го чекал правосилниот исход од таа постапка, истиот дрско и безобѕирно посегнал да управува со моторно возило без да има возачка дозвола. Судот утврди дека односот на сторителот кон повредата на правното добро кое се штити со ова дело, е толку игнорантски, до степен на целосна несовесност, дрскост и безобѕирност кое судот особено го цени како отежителна околност при одмерувањето на кривичната санкција“, рече судијката Снежана Марковска.
Додека Јованов со наведната глава ја слушаше пресудата, таткото на Фросина, револтирано ја напушти судницата.
„Судот МА-ФИ-ЈА, казни го сега. ЧАО. Мафија. Како Мајка му и татко му знаат, колку лабави се денеска, одговори ми. Како беа лабави денеска. На претходното судење беа стегнати. Ја знаат судијке пресудата и пред вас“, изјави Тодор Кулалов.
Таткото на Фросина и пред судницата извикуваше „багро судска, затвор за вас“. По завршување на судењето, пак, рече, пресудата е срамна и не исклучи нови протести.
„12 годишна казна е награда за вакво брутално убиство во сообраќајка, награда. Многумина на душа ќе ја носат погибијата на Форсинче и ваквиот срамен судски епилог. Арам да им се парите и се друго што добиле како компензација и бог нека им суди и пресуди, ние не се откажуваме“, изјави Тодор Кулаков, татко на Фросина.
Одбраната, казната ја смета за превисока. Велат, недоволно се ценело каењето на Васил и го повика судот да не ја користи трагедијата за воведување построги казни. Најавија жалба.
„Ова е секако трагичен настан, но не може од овој настан да се започнува со спроведување на нова казнена политика во Македонија. Казната е превисока“, изјави Сашко Дуковски, Адвокат на Васил.
За обвинителството, казната од 12години затвор е победа, бидејќи, никогаш претходно кривичниот суд не донел толку висока казна.
„Денешниот ден за Обвинителството е поголема победа затоа што беше изречена казна затвор која во историјата на овој суд, не била досега изречена, сметајќи на висината 12 години затвор. Обвинителството, сепак, го задржува правото на жалба и да бара повисока казна затвор“, изјави Александар Маркоски, Јавен обвинител.
Јованов доби и забрана за управување возило од пет години по излегување од затвор. Тој на почеток од судењето минатата недела, призна вина и изрази сочуство до семејството на Фросина.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар