Македонија
29. July 2015 - 15:05

Вонредни мерки за рестрикција на вода за наводнување од акумулацијата Калиманци

Водостопанство „Брегалница“ од Кочани која стопанисува со водите од Хидросистемот „Брегалница и акумулациите Калиманци, Ратево, Градче и Мавровица, од денеска воведува нови мерки на рестрикција на водата за наводнување по десниот магистрален канал од Хидро системот Брегалница, за водокорисничките здруженија од Виничко, Кочанско, Штипско и Свети Николско.

- Вонредните мерки за рестрикција на водата  кои ќе траат 24 часа по региони од десниот магистрален канал, ги воведуваме со цел рационално искористување на водата од Хиудросистемот Брегалница и акумулацијата Калиманци. Од вечерва од 19 часот па во наредните 24 часа вода за наводнување нема да добиваат Водните заедници од Мустафино,Свети Николе и Оризари.Утре на 30 јули ќе бидат исклучени за наводнување Водните заедници од Ерџелија,Црнилиште и Кочани, а задутре на 31 јули Водните заедници Балван,Крупиште и Тркање, изјави Зоран Беличев, директор на Водостопанство од Кочани, по одржаниот вонреден состанок со претседателите на Водните заедници од регионот.
 
Според него, ваквите рестриктивни мерки во користењето на вода ќе се применуваат се до намалување на високите температури кога и потрошувачката на вода се очекува да биде намалена. Инаку, како што нагласи тој, во акумулацијата Калиманци има доволни количини вода за реализирање на наводнителната сезона.