Македонија
31. January 2024 - 14:14

Вонреден санитарен инспекциски надзор во градинката во Берово по влошената здравствена состојба кај децата

Вонреден санитарен инспекциски надзор во текот на денот ќе биде направен во детската градинка „23 Август“ во Берово за да се утврди причината за влошената здравствена состојба кај дечиња кои имале симптоми со повраќање, дијареа и покачена телесна темература.

Испитувањето на добиените мостри во Центарот за јавно здравје во Кочани покажало присуство на бактерија салмонела, поради што се преземени активности за утврдување на причинителот.

- Во врска со случајот во Берово нашата стручна служба доби вкупно пет мостри, од кои кај две е констатирано присуство на салмонела. Согласно законските прописи, ги известивме Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство кои ќе направат контрола во градинката. Епидемиолог од нашиот центар веќе е на терен во Берово и работи на прибирање на потребните податоци за натамошно утврдување на тоа што довело до влошување на здравствената состојба на дечињата. Сè уште не можеме да потврдиме дали труењето настанало во градинката или на друго место, изјави за МИА, Гоце Серафимов, директор на Центарот за јавно здравје – Кочани.

Вонредниот инспекциски надзор доаѓа откако претходно од градинката во Берово излегоа со писмено известување до родителите да не ги носат своите деца во оваа институција ако забележат промени во нивната здравствена состојба и да се консултираат со матичен лекар. Притоа, се бара доколку детето било отсутно од градинка, при повторно враќање да се донесе соодветна лекарска потврда.