Македонија
19. August 2021 - 18:11

Волонтерот Харкин: ЛГБТ лицата не се чудовишта

ЛГБТ лицата не се чудовишта, порача попладнево ирскиот волонтер Донал Харкин во Кавадарци. Тој нагласи дека едно ЛГБТ лице може да биде сечиј син или ќерка, брат или сестра, внук или внука.

Дваесет и седумгодишното момче отворено кажа во изјава дека е хомосексуалец, а негова цел е да ја подигне свеста дека ЛГБТ луѓето се исти како и сите други, само малку поразлични и дека не треба да бидат осудувани поради тоа. Ја раскажа неговата животна приказна и како ги шокирал родителите кога на 23 години им кажал дека е геј, а израснал во религиозно село.

-Нашата борба за права не е лесна. Таа борба продолжува дури и во мојата земја, иако таму сме многу поприфатени од заедницата, отколку ЛГБТ лицата овде. Дваесетина дена сум на македонска почва и овде дознав за предрасудите кон ЛГБТ луѓето, што ги има кај повозрасните, но, за жал и кај помладите. Запознав и ЛГБТ поединци кои живеат во илегала што се вели, плашејќи се дека ако се откријат, ќе бидат исмејувани, навредувани и тепани. Нивниот страв не се опишува со зборови. На работилницата што ја имав со млади, увидов дека овде сеуште, за жал, постојат предрасуди кон ЛГБТ заедницата, а сексуалната ориентација е табу-тема, информираше Харкин.

Според него, неопходна е поголема едукација за подигнување на јавната свест, од најмала до најголема возраст. Тој знае дека македонските активисти исто така прават напори за обезбедување на поголеми права за ЛГБТ лицата и ги охрабрува во таа нивна борба.

-Јас верувам дека тие ќе успеат, како што се успеа во Ирска. Неопходно е што повеќе личности да соберат храброст и отворено да соопштат, да, ние сме ЛГБТ лица и заслужуваме да бидеме почитувани, дециден беше Ирецот.

Тој рече дека примерот на Ирска треба да го следат и други земји, иако и таму има исклучоци, па поединци се сè уште хомофобични.

Завршил правен факултет, сега е на магистратура за социјална работа. Истовремено работи во хуманитарна организација за згрижување на бездомни лица, а активен е и како волонтер за заштита на правата на ЛГБТ заедницата. Прифатен од најблиските, таков каков што е, сега живее во Даблин. Во Кавадарци дошол преку европска волонтерска програма.

Бил волонтер за ЛГБТ права и во Индија и Виетнам, каде што држел работилници. Според него, таму е слична состојбата како и на македонско тло, па дури и понебезбедно за овие лица.

Харкин рече дека ужива да зборува на оваа тема, затоа што со тоа си помага себеси, а помага и за заедницата.

Тој откри дека според неговите сознанија, во светот, сепак, ЛГБТ лицата најчесто остваруваат контакт преку интернет.

-И ние сме луѓе, сакаме да бидеме среќни. Ние сме добри луѓе и сакаме да живееме слободно како и сите други. Дајте ни шанса и ќе се уверите дека не сте згрешиле, порача ирскиот волонтер во Кавадарци.