Македонија
12. October 2018 - 16:35

Воената вежба Македонски блесок 14 ќе ги тестира капацитетите на АРМ во однос на НАТО стандардите

Утврдување на борбената готовност на Воената полиција, и по првпат, увид во оспособеноста на Копнената маневарска болница, е целта на воената вежба “Македонски блесок”, на која по 14-ти пат од страна на НАТО ќе биде извршено оценување на дел од декларираните единици на АРМ.

Вежбата ќе се спроведува од 15-ти до 20-ти октомври на армискиот полигон Криволак и во центарот за обука “Пепелиште”, а на неа треба да биде извршено НАТО реоценување “ниво 2”, односно увид во способноста на единиците на Армијата.

Македонските војници според претходно утврдено сценарио на воениот полигон Криволак ќе треба да одговорат на испланирана криза, на начин кој ќе биде во согласност со НАТО стандардите, како и да го потврдат професионализмот во АРМ. 

Армиските претставници појаснуваат дека реоценувањето на армиските единици се врши еднаш во три години, а Воената полиција во 2015 година веќе еднаш ја потврдила оспособеноста за рамноправно учество во операции за поддршка на мирот. 

Во рамките на воената вежба „Македонски Блесок 14“ на Криволак на 18-ти октомври ќе биде реализиран Отворен ден, додека на 19-ти ќе има Ден за високи гости, на кој ќе бидат присутни високи национални воено-политички претставници.