-->
-->
Во велешката библиотека промовирани нови седум книги на Брајово писмо
-->
- Здружението на слепи на Општина Велес и велешката Локална библиотека „Гоце Делчев“ денеска во медиотеката на библиотеката промовираа седум книги од македонски автори отпечатени на Брајово писмо.Тоа се книгите „Силјан штркот“ од Марко Цепенков, „Избор“ од Јоаким Крчоски, „ММ кој прв почна“ од Дејан Дуковски, „Така било пишано“ од Сашко Насев, „Млади синови“ од Васил Иљоски, „Антица“ од Ристо Крле и „Грев или шприцер“ од Сашко Насев. Воедно направени се и четири реизданија на веќе објавени книги меѓу кои и антологиската „Бели мугри“ од Кочо Рацин.
Како што информира Игор Крајчев, директор на велешката библиотека и писател во оваа Брајова колекција во склоп на велешката Локална библиотека насловена „Ратко Пајдаков“ со овие нови седум наслови од денеска брои вкупно 34 наслови.
Првите книги на Брајово писмо во Македонија се отпечатени во 1996 години во Велес со залагање на Ратко Пајдаков претседател на велешкото Здружение на слепи.
Освен НУБ „Климент Охридски“ од Скопје, велешката е прва библиотека во земјава која има Брајово катче во кое можат да се позајмат книги на Брајово писмо наменето за слепите читатели од Велес и сите заинтересирани од другите градови во земјава кои освен во библиотеката можат да ги позајмат овие книги и во велешкото Здружение на слепи лица.
Како што потенцира Крајчев, задоволството е дотолку поголемо кога делото има можност да внесе зрак светлина во животот на својот читател.
- Задоволството е уште поголемо затоа што денес на овие наши сограѓани, со овие книги им даваме не само зрак туку цели нови сонца, цели нови светови. Ние од нашата мисија не отстапуваме и се додека постои збор на парче хартија кој е недостапен за слепите лица, ние ќе ја сметаме нашата мисија за незавршена и нецелосна. Литературата е наменета за сите и треба да биде достапна за сите. Затоа што слепилото е само состојба и не смее никако да биде пречка за слепите лица да останат посиромашни за целото книжевно наследство на овој свет, за сета мудрост на овој свет акумулирана на белите страници на книгата, порача Крајчев.
Коце Димов, претседател на одделението за слепи лица на НУБ „Климент Охридски“ од Скопје потенцира дека издавањето на овие нови книги на Брајово писмо за слепите лица е многу важно и затоа треба да се печатат во сите општини во земјава.
- Република Македонија се уште нема донесено закон за прифаќање на Брајовото писмо како званично писмо за слепите лица и тоа е обврска која претстои пред сите нас и за која треба да се избориме да го донесе Собранието. Ние имавме среќа, пред неколку години се донесе гласовниот јазик така што по тој принцип и по принципот на повеќето Европски земји ќе мора и тоа да го сториме, затоа што Брајовото писмо е многу значајно за нас слепите и значи отворање на еден прозорец, потенцира Димов.
Воедно потсети дека во далечната 1996 година тие ги отпечатиле и првите книги за деца од прво до четврто одделение. Потоа преку разни проекти отпечатиле и книги за останатите одделенија. Димов воедно апелира до надлежните во Министерството за образование да не ги менуваат често учебниците.
- Ние таман ќе ги отпечатиме учебниците, ќе се смени програмата и нашите деца за жал остануваат без учебник. Така на пример, ние само што ги отпечативме учебниците по математика за седмо и осмо одделение по програмата на Кембриџ, а веќе слушаме на телевизија дека од следната учебна година тие нема да се користат во наставата. Тоа за жал ќе значи повторно да немаме учебници, потенцира Димов, кој побара од надлежните да им помогнат во таа насока.
-->
-->
-->
Ново на Сител
-

Прилеп го доби првото официјално Собирно место за селекција и одлагање на отпад
-

Преглед на вестите од светот
-

Арсовски: Реконструкцијата треба да е робусна, а СДСМ треба да се плаши од избори
-

Тема на денот со Петар Арсовски политички аналитичар
-

Повторно судење за врсничко насилство во Штип
-

Стојанче Јовановски осуден на максимални 12 години затвор
-

Инфлацијата во април - 5,7%, најголем скок кај цените на храната
-

РКЕ ќе анализа дали блоковите се правични
