Македонија
5. October 2017 - 15:27

Во Велес доделено признанието „Просветен работник на годината “

По повод Светскиот ден на учителот - 5 Октомври, Сојузот на просветни работници на Македонија денеска на свечена академија во Велес додели признание „Просветен работник на годината“ за учебната 2016/2017 година, на четири просветни работници од училиштата во државава.

Во категоријата одделенска настава признание доби Лила Арсова  од ООУ „Васил Главинов“ од Велес, а во категоријата предметна настава м-р Матилда Бајкова од ООУ „Вера Циривири-Трена“ од Скопје. Признание добија и професорката по англиски јазик Гордијана Ѓоргова во категоријата средно образование, а во категоријата од заедниците професорот по физика и математика Муамер Доко од ООУ „Братство и единство“ од Охрид.

Таа во своето обраќање до присутните потсети дека 5 октомври за Светски ден на учителите е прогласен од УНЕСКО во 1993 година,а во Р.Македонија се одбележува од 1994 година.

Во фокусот на годишеното одбележување на Светскиот ден на учителот е темата „Учење во слобода, зајакнување на наставниците“ со посебен акцент на знаењата, вештините и надлежностите на наставниот кадар во високо образовните институции.

Заменик-претседателката на Сојузот на просветни работници Лидија Николовска Георгиевска  истакна дека Светскиот ден на учителот има цел да се мобилизира поддршка за учителите и да се осигура дека потребите на идните генерации ќе продолжат да бидат исполнувани од страна на учителите.

- За жал, учителите денес се уште не ја обезбедија вистинската почит и силното вреднување на оваа професија. Денес учителите се исправени пред низа предизвици и поминуваат низа турбуленции. Виталноста, вербата и достоинството на учителите, постојано треба да се развива затоа што тие се заслужни за училишната клима, култура и етика и иднината на земјата во голема мера е во рацете на просветните работници, нагласи Николовска Георгиевска.