Македонија
17. August 2021 - 16:28

Во Велес денеска повторно беше отворен масовниот пункт за вакцинација, велешани и понатаму со голем интерес за вакцинирање

Во Велес денеска повторно беше отворен масовниот пункт за вакцинација против Ковид-19 во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“, каде исклучиво со втора доза „Астра Зенека“ беа вакцинирани 340 лица над 60 годишна возраст.

-Пунктот ќе биде отворен и утре и задутре, но исклучиво за примање на втора доза од „Астра Зенека“, информира за МИА д-р Марина Тодоровска, координатор на вакцинацијата во Велес и велешко. Масовниот пункт потоа ќе биде отворен и на 30 и 31 август.

Д-р Тодоровска посочи дека на вакциналниот пункт во Здравствениот дом и денескa имало голем интерес на велешани за вакцинација. Со прва и втора доза „Астра Зенека“ „Фајзер“ и „Синовак“ биле вакцинирани над 500 лица од сите возрасти, како млади така и повозрасни, па и лица над 70 и 80 години.

Таа информира дека и денеска продолжила теренската вакцинација во селата во Општина Чашка,  каде биле вакцинирани лица кои веќе ја примиле првата доза од вакцината.