Македонија
11. July 2022 - 13:08

Во Тетовско за шест месеци казни за 905 лица кои возеле без валидни дозволи

На поширокото тетовско подрачје во изминатите шест месеци од оваа година вкупно биле откриени и законски санкционирани 905 лица кои управувале возила без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа, како и 287 возачи-почетници кои целосно не се придржувале на ограничувањата предвидни за оваа категорија учесници во сообраќајот.

Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш потсетува дека не треба да се седнува зад волан без положен возачки испит, зашто на тој начин се доведува во ризик сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

– До почетниците повторно се апелира целосно да ги почитуваат законски предвидените ограничувања, дотолку повеќе што и едните и другите летово се приоритетен фокус на секојдневните контролни активности на ова подрачје, редовни или акциски. СВР Тетово им укажува и на сопствениците на моторни возила да не им ги даваат на управување на лица кои немаат возачки дозволи, бидејќи во спротивно и ним ќе им бидат изготвени поднесоци и ќе им следува парична глоба од 250 евра во денарска противвредност, порача портпаролот Марјан Јосифоски.

Сите кои управувале без возачки дозволи веднаш се исклучени од сообраќај и изготвени им се соодветни поднесоци, така што согласно член 225 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, тие ќе се соочат со парична глоба од 250 евра во денарска противврденост, а истото се однесува и на возачите-почетници, кои согласно член 227 од истиот Закон  ќе треба да платат глоба од 200 евра во денарска противвредност.