Македонија
4. August 2018 - 9:41

Во тек техничките подготовки за референдумот

По конституирањето на Државната изборна комисија (ДИК) и усвојувањето на Правилникот и Роковникот, продолжуваат техничките подготовки за претстојниот референдум закажан за 30 септември.

Според Роковникот, ДИК до 2 август доставува барање до Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за доставување податоци за вработените во државната и општинската администрација, администрацијата на Градот Скопје и јавната администрација, а МИОА треба да одговори за пет дена, најдоцна до 7 август.

По добивањето на информацијата од МИОА, ДИК во рок од пет дена ги формира општинските изборни комисии, ги дополнува со нови членови и заменици на местото на оние на кои по разни основи им престанал манадатот. Одлуките со кои се формираат, односно дополнуваат ОИК се објавува во Службен весник најдоцна до 12 август.

Во рок од три дена од денот на формирањето на ОИК, најдоцна до 15 август, ДИК до нив треба да ги достави податоците за вработените во државната, општинската администрација и администрацијата на Град Скопје и јавната администарција кои имаат живеалиште на територијата за која е надлежна ОИК за формирање на избирачките одбори.

Со оглед дека на референдумот ќе гласа и дијаспората, ДИК во рок од три дена од распишување на референдумот, до 2 август, до Министерството за надворешни работи требаше да упати барање за доставување на податоците за дипломатите вработени во соодветно дипломатско-конзуларно претставништво, (конзуларни канцеларии), заради избор на претседател и заменик-претседател на избирачки одбор за спроведување на гласање во ДКП-то. МНР има рок до 7 август да ги достави бараните податоци до ДИК.

ДИК веќе упати јавен повик до граѓаните за проверка на податоците во Избирачкиот список за спроведување на референдумот. Увидот во податоците почнува на 9 август и ќе трае до 23 август 2018 година до 24:00 часот. 

Доколку сметаат дека е потребно, да побараат измена, дополнување или бришење на податоците во него, граѓаните тоа може да го направат преку веб-страницата на ДИК https://izbirackispisok.gov.mk/ и во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК.

Избирачкиот список што се става на јавен увид е со состојба на податоци на граѓаните кои заклучно со 30 септември 2018 година станале полнолетни, наведуваат од ДИК. 

Списокот на адреси на подрачните одделенија и канцеларии на ДИК може да се најде на линкот:http://www.sec.mk/kontakt/.