Свет
18. September 2023 - 18:49

Во судирите во Етиопија повеќе од 10.000 жртви на сексуално насилство

Најмалку 10.000 жени и девојчиња биле жртви на сексуално насилство во Етиопија и покрај мировниот договор меѓу завојуваните страни, велат експерти на Обединетите нации (ОН) во извештај објавен денеска.

Претседателот на Меѓународната комисија на експерти за човекови права во Етиопија, Мохамед Чанде Отман, рече дека ситуацијата останува „исклучително сериозна“ и покрај мировниот договор потпишан во ноември 2022 година.

Насилството избувна во ноември 2020 година, главно во северниот регион Тиграј, кој со месеци беше отсечен од надворешниот свет.

Во извештајот се наведува дека сите страни во таа војна извршиле злосторства, вклучувајќи масовни убиства, силување, гладување и уништување училишта и медицински установи.

Во извештајот се вели дека војниците од соседната Еритреја и членовите на милицијата од групата Амхара во Етиопија продолжуваат да вршат сериозни злосторства во Тиграј, вклучително и „систематско сексуално насилство врз жени и девојчиња“.

Комесарката Радика Кумарасвами рече дека присуството на еритрејските трупи во Етиопија покажува не само „вкоренета политика на неказнивост, туку и дека владата на земјата „постојано ги поддржува и толерира таквите прекршувања“.

– Убиени се цели семејства, роднините принудени да гледаат ужасни злосторства врз нивните најблиски, додека цели заедници се раселени или протерани од своите домови, истакна таа.

Цитирајќи проценки од седум здравствени центри само во Тиграј, комисијата рече дека повеќе од 10.000 преживеани од сексуално насилство побарале медицинска помош од почетокот на конфликтот до јули оваа година.

Извештајот на експертите е објавен во време на неизвесност за идната работа на тимот истражители кои го напишаа, бидејќи Советот за човекови права на ОН на почетокот на октомври треба да одлучи дали да го продолжи нивниот мандат, додека етиопската влада на премиерот Аби Ахмед сака тоа да не се случи.