Македонија
10. April 2017 - 17:26

Во Штип предавање на тема Хомеопатија

Студентите на Факултетот за медицински науки при универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска имаа можност да го слушнат предавањето на тема Хомеопатија на професорот Џорџ Патапатиу од Меѓународната академија за класична хомеопатија од Грција. Тој забележа дека хомеопатијата не е призната од страна на класичната медицина, но факт е дека во светот 600 милиони луѓе се лекуваат хомеопатски, а не може да се занемари и фактот дека клиничките резултати од хомеопатското лекување се очигледни.

- Хомеопатијата во Индија е попрактикувана и позастапена од конвенционалната медицина и се изучува на 185 академии, кои ги има најмногу во Индија, Русија и САД. Милиони луѓе ја користат хомеопатијата и според моето петгодишно искуство и лекувани над 2.000 пациенти, тврдам дека некои од резултатите се импресивни. Најголеми резултати хомеопатијата дава кај лекување на децата и на менталните болести, вели Патапатиу.

Деканот на Факултетот за медицински науки при УГД-Штип, Рубин Гулабовски вели дека хомеопатијата во последно време сериозно се наметнува како алтернативна медицинска гранка. Се уште не се пратктикува во јавното здравство, но некои нејзини гранки веќе може да се изучуваат и на факултетите. Не е за очекување во скора иднина хомеопатскиот пристап во лекувањето да биде широко практикуван во болниците, но позитивните ефекти од овој пристап во лекување на многу болести ја прави хомеопатијата една од потенцијалните водечки гранки на медицината на 21 век.

Хомеопатијата е гранка на медицината, која практикува лекување со мали дози на препарати од природата, со цел да го поттикне организамот да се лекува сам, се работи за ефикасна и научна медицинска метода на лекување која поаѓа од факот дека сите болни состојби на организмот се резултат на нарушената рамнотежа кај пациентот и затоа човекот е тој кој треба да се лекува, а не неговата болест.