Македонија
1. јуни 2017 - 13:38

Во Штип над 400 деца и родители дел од проектот „Растеме со игра“

Над 200 деца од детската градинка „Астибо“-Штип на Градскиот плоштад „Слобода“ заедно со своите родители беа дел од меѓународниот проект „Растеме со игра“. Со песна и игра децата го прославија 1 Јуни Меѓународниот ден на детето, но и на танцот.

Директорот на градинката Илија Митров вели дека веќе втора година се дел од овој меѓународен проект.

- Целта е една и единствена, а тоа е среќата на нашите деца, бидејќи навистина се среќни кога во некој проект заедно работат со родителите. Учествуваат седум групи. Значи имаме 220 дечиња и уште толку родители, вели Митров.

Тој истакна дека повеќе од две недели се подготвувал овој настан. Спортските работници кои ги подготвувале игрите за децата и родителите апелираат во текот на летото децата да не седат пред компјутерите, туку да играат со своите другарчиња и да имаат спортски активности.