Свет
28. May 2023 - 9:14

Во Шпанија се одржуваат локални и регионални избори

Шпанија денеска гласа на локални и регионални избори кои ќе ги тестираат шансите на премиерот Педро Санчез да остане на власт по општите избори подоцна оваа година.

Санчез, кој е на функција од 2018 година, управува со четвртата по големина економија во еврозоната во коалиција со екстремно левичарскиот Подемос.

Од 12-те автономни покраини што гласаат денеска, 10 се управувани од социјалистите – сами или како дел од коалиција.

Главната опозициска конзервативна Народна партија (ПП), која со месеци е на врвот на анкетите, ги нарече денешните избори – референдум за Санчез.

Охрабрена од целосниот колапс на десниот центар Сиудаданос (Граѓани), ПП е уверена дека може да ги освои шесте региони управувани во моментов од левицата и да ја зајакне својата позиција во Мадрид, најбогатиот регион во Шпанија. Анкетите покажуваат дека партијата е особено добро позиционирана во четири региони, Ла Риоха и Арагон на север, Валенсија на исток и Балеарските Острови со познатиот остров за одмор Ибица.