Во Крушево почнува манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“

Со кревањето на знамето на Крушевската Република на Гумење и свечена програма, вечер во Крушево почнува традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“, со која стартуваат чествувањата по повод Илинден – Денот на Републиката и 123-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република.
Програмата започнува претпладне со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев, по што делегација на манифестацијата и на Општина Крушево ќе ја посети Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во селото Смилево.
Во 18 часот пред Столбот на Крушевската Република што се наоѓа до црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, пред голем број граѓани ќе бидат пречекани Илинденските коњаници и ќе се формира поворка до платото на Гумење.
- Очекуваме од 120 до 140 коњаници од повеќе места од Македонија. Посебен е пиететот да им се оддаде признание и почит на коњаниците кои ги продолжуваат илинденските традиции- вели Захарија Ангелеска од националната установа- Дом на културата „10 Дена Крушевска Република“.
Делегации ќе ги посетат и ќе им оддадат почит на значајните вечни обележја: на гробот на Питу Гули на Гумење, пред споменикот на Партизанските гробишта, на гробот на Тоше Проески, криптата на илинденските востаници и пред бистата на Веле Марко на Гумење.
Во 19:30 часот пред споменикот „Илинден“ ќе биде отворена изложбата на Државниот архив „Илинденското востание во архивската меморија“.
Во 20 часот на Гумење ќе се одржи свеченото отворање на манифестацијата. Предвидени се обраќање на градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, читање на Крушевскиот манифест и традиционалното симболично пукање од Црешовото топче – симбол на Илинденското востание и Крушевската Република.
Покрај свечениот дел на Гумење, музичка програма ќе се одржува и во Градскиот парк во центарот на Крушево.
- Годинава главен покровител е Општина Крушево. Имаме интересна програма, го зачувуваме стариот начин на празнување, односно традиционалниот дел. Главното збиднување ќе биде на Гумење, а забавниот дел ќе се одвива во Градскиот парк во центарот на Крушево- вели Ангелеска.
Централното чествување на Илинден ќе се одржи утре, 2 август, на Мечкин Камен, каде на Големиот народен собир е најавено обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
МИА
Ново на Сител
-

Кој стои зад информациите дека водата во Скопје наводно е небезбедна за пиење?
-

Петрушевски: СДС е како бунар без дно за ширење паника што станува опасно за граѓаните
-

Борозан: Власта веднаш да направи анализи на водата во цела држава и јавно да ги објави резултатите
-

Се чисти депонијата кај изворот Рашче
-

25 години Рамковен договор: Стабилноста се гради со дијалог, а иднината со инвестиции
-

Сиљановска-Давкова: Струга е град пример за почитување на различностите
-

Еден месец не работи ПЕТ скенерот неопходен за следење на болните од рак – Не се знае кога ќе почнат снимањата
-

Зголемување на старосната граница за пензионирање е предлогот на ММФ за одржлив систем
