Во Доха мировни преговори без претставници на Хамас
САД и Катар ги повикаа сите страни да не ги поткопуваат преговорите за постигнување прекин на огнот во Појасот Газа. Нивниот апел е пред денешната средба во Доха, на која нема да учествуваат претставници на Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација.
„Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и катарскиот премиер шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани во телефонскиот разговор истакнаа дека ниту еден играч во регионот не треба да преземе чекори за да ги поткопа напорите за постигнување договор“, изјави синоќа (14 август) портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.
Блинкен, кој ја откажа посета на Блиски Исток, разговараше и со министрите за надворешни работи на Египет, Саудиска Арабија, Јордан, Турција и Израел со цел да се избегне ескалација на тензиите во регионот.
Хамас соопшти дека нема да учествува во новиот круг мировни преговори што треба да се одржат во Доха.
„Одењето на нови преговори му овозможува на окупаторот да наметне нови услови и да ги искористи нивните лавиринти за да изврши повеќе масакри, изјави претставникот на Хамас, Сами Абу Зухри.
Тој додаде дека Хамас е посветен на предлогот што му беше претставен на 2 јули, врз основа на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и говорот на американскиот претседател Џо Бајден.
Неприсуството на претставници на Хамас во Доха не ја исклучува можноста за напредок бидејќи главниот преговарач Халил ал Хаја живее во Доха, а Хамас не ги прекина контактите со Египет и Катар.
Израелската Влада најави дека ќе испрати своја делегација на преговорите во Катар.
Претходно, тројца неименувани високи ирански претставници изјавија дека само прекин на огнот во Појасот Газа ќе го одврати Иран од директна одмазда против Израел за убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор во Софија
-
Монструозно двојно убиство и самоубиство во Прилеп
-
Нерешени имотно правни работи - најчеста причина за нарушени семејни односи во Македонија
-
СДСМ смета дека граѓаните не се безбедни
-
И по една недела пожарот во с. Николиќ се уште активен
-
Судот утре ќе решава по жалбата на ОЈО за притворот на напаѓачот на градоначалничката Арсовска
-
Пуштени за сообраќај 20 километри од автопатот Кичево - Охрид
-
Пожарот кај Николиќ не стивнува, опожарени над 1.000 хектари