Македонија
1. February 2019 - 8:21

Внимателно во сообраќајот, магла и снег на патиштата

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат. Намалена видливост поради магла до 50-100 метри има кај Страцин, Кула, Делчево и Смојмирово.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се влажни, па поради ниските температури, карактеристични за вечерните и утринските часови постои можност и од појава на голомразица.
 
Од 15 ноември 2018 година стапи на сила законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на временската состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2019 година.

На патниот правец Струга – г.п. Ќафасан (до с.Франгово) поради оштетување на коловозот, брзината на движење е ограничена на 40 km/h.

Патниот правец Р2332 Охрид-Ресен, преку националниот парк Галичица (врска со Р1307 Царина – врска со А3 и Р1301 – Трпејца), од 15.11.2018 до 01.04.2019 е затворен за сообраќај за сите видови возила.