Внатрешна контрола при МВР ќе го истражува осветувањето на полициските возила
Внатрешна контрола во МВР ќе го испитува „осветувањето’ на новите полициските возила и ќе истражува кој го викнал свештеникот во кругот на министерството за да го изврши чинот.
Од полицијата потврдуваат дека е поведена истрага за целиот случај.
-Министерството за внатрешни работи ве известува дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР презема соодветни мерки и активности за целосно утврдување на околностите, по што, јавноста ќе биде соодветно информирана.
Заменикот на Тошковски, Астрит Исени, пак најавува и одговорност за полициските службеници кои дозволиле ваков настан. Во објава на Фејсбук, реагира дека прскањето со света вода од страна на верско лице врз службените полициски возила и врз службените објекти е директно кршење на принципот на секуларна држава.
Повикувајќи се на за законот за полиција и Уставот, Исени вели дека:
-Институцијата МВР има јасни внатрешни правилници и, согласно нив, ќе бидат повикани на одговорност сите оние кои го организирале или го дозволиле овој чин, не го спречиле неговото извршување, овозможиле влез на верско лице во објектите на МВР за вршење верски активности, пишува Исени.
Јавноста бурно реагира на фотографиите кои брзо се проширија преку социјалните мрежи, а на кои се гледа свештеник кој врши верски обред и осветување на службени возила, додека присутни се и полициски службеници. Дел од граѓаните го оправдуваат чинот но има и такви според кои ваквите работи се недозволиви.
Но ова не е единствен ваков случај, пред година и пол и собранискиот спикер Гаши дозволи, но и присуствуваше на верски обред во Парламентот оддавајќи почит на жртвите од Сребреница.
Македонските парламентарни партии и јавноста остро реагираа дека Собранието не е и не смее да биде место за организирање на било какви религиски обреди, прекршувајќи ја секуларноста на државата.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
