Македонија
2. July 2017 - 14:03

ВМРО-ДПМНЕ:Нов проект за клинички центар ќе чини 6,5 пати повеќе од постојниот

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара да не се стопира проектот за изградба на нов клинички центар во Скопје. Министерот за здравство Арбен Таравари, како што рече Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ треба да даде одговори кои ќе бидат аргументите пред Европската централна банка дека проектот кој го подготвувале, одобриле и ќе го финансираат не е според неговиот архитектонски стандард.

- Таравари и неговиот наредбодател Заев мора да му кажат на народот дека ако го стопираат постоечкиот проект кој чини 70 милиони евра и почнат проект од 450 милиони евра, ќе треба да се задолжат со нови 380 милиони евра, односно да плати шест и пол пати повеќе, за ефект кој се постигнува во многу пократок  рок. Чесно е Таравари да им ги каже овие работи на граѓаните, на пациентите и на медицинскиот кадар, изјави Андоновска.

Недозволиво и неодговорно е, како што рече, да се оспорува готов проект кој чини 70 милиони евра, за да се најави нов проект кој ќе чини повеќе од 450 милиони евра и за чија реализација ќе треба да се чека најмалку десет години. - Таравари ќе биде одговорен за тоа што најмалку десет години нема да има подобри услови за лекување на пациентите и десет години медицинскиот кадар ќе работи во полоши услови, рече Андоновска.