Македонија
29. January 2023 - 16:37

ВМРО-ДПМНЕ на 4 февруари ќе стражари пред гробот на Делчев и покрај предупредувањата од министерот Спасовски

И покрај укажувањата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека институциите на системот ќе ги преземат сите неопходни мерки за достоинствено чествување на денот на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, од Патриотскиот институт на ВМРО ДПМНЕ не се откажуваат од намерата уште од 7 часот наутро да организираат херојска стража пред црквата Свети Спас.

Кој се ќе може или нема да може да присуствува, ќе биде договорено на утрешната средба во Скопје помеѓу министрите за внатрешни работи на двете земји. На денешната трибина во Штип, претседателот на Патриотскиот институт истакна дека, ВМРО ДПМНЕ е браник на македонштината и патриотизмот и нема да дозволат никакви провокации пред гробот на великанот на македонската револуционерна борба. Притисокот што доаѓа од соседна Бугарија во очи чествувањето на годишницата е токму во таа насока и затоа мора остро да се спротиставиме.

- Не уверуваат дека нашите, сопствените деца ни се Бугари, дека се нивни комшиски деца. Тоа ние како Македонци не смееме да го дозволиме, затоа што ние во корен се бришеме и нема некоја повисока цел од тоа да се сочуваме како држава и како народ- изјави Александар Панов, претседател на патриотски институт „Гоце Делчев“.

Според историчарот Слободан Ников, македонсиот народ како симбол и апостол на револуционерната борба го има Делчев, кој оставил длабоки траги кои се чувствуваат и ден денес, затоа и не случајно источниот сосед се обидува да го приграби за себе.

- Ако го изгубиме Гоце Делчев како апологет на македонското револуционерно движење, како човек кој што го сврза македонското национално ткиво, ја губиме историјата, се губиме себе самите како Макеонци. А сето ова што се прави, овој силен атак врз историјата на македонскиот народ, посебно врз Гоце Делчев, целта на нашиот источен сосед е тоа, да не обезличат, да го присвојат Гоце Делчев, а без него Македонија не може да постои, изјави Слободан Николов, историчар.

Чествувањето на 4-ти февруари е исклучително важен настан и затоа сметаат дека е потребно масовно присуство на македонските граѓани.