Македонија
9. April 2019 - 22:00

ВМРО-ДПМНЕ: Капитални инвестиции нема, се зголемува само бројот на сиромашни граѓани

Македонија е земја со најслаб раст на БДП во регионот и во Европа. Македонија е рекордер по растот на задолжувањето, а ништо не се гради. Капитални инвестиции нема, а се зголемува само бројот на наши сограѓани кои живеат под прагот на сиромаштијата. Заев ја уништува македонската економија. Масовно се краде и се делат тендери меѓу картелот. Заради тоа бегаат инвеститорите, а германските партнери му дадоа една огромна нула.

Заев ги распушти сите економски промотори, го упропасти концептот за привлекување на СДИ граден макотрпно од Владата на ВРМО-ДМПНЕ кој концепт успеа да ја позиционира Република Македонија како атрактивна земја за инвестиции на светската мапа на инвеститори, ја наруши деловната клима која беше создавана со многу институционални реформи и истата беше валоризирана во сите извештаите на Светска Банка во кои Република Македонија се рангираше во групата на топ 10 реформатори во подобрување на условите на водење бизнис.

За разилка од сите тие добри економски политики на претходната Влада на ВМРО-ДМПНЕ кои дадоа значителни позитивни ефекти во растот на економијата, рекордното намалување на невработеноста и даоаѓањето на многу реномирани странски компании кои денес се основа за сите останати, СДСМ со своите катастрофални економски политики успеа да ја турне земјата од неколкугодишен рекордер по остварени стапки на економски раст во Европа, во групата на земји со најлоши економски резултати во регионот. Додека земјите од регионот се борат на сите можно начини да привлечат повеќе инвеститори, Заев и неговата неспособна Влада манипулира со граѓаните дека наводно НАТО ќе ни ги донесе странските инвестиции и ќе ги реши економските проблеми со кои секојдневно се соочуваат македонските граѓани низ целата земја. Прикривајќи се позади фамозниот план за економски раст додели милионски грантови на луѓе блиски до него и фирми блиски до неговиот клан.

Воведувањето на прогресивното оданочување го задуши ИТ секторот како најкреативен сектор во државата, ниската реализација на капиталните инвестиции, криминалот и корупцијата кoи владеат во земјата ги влоши условите за водење бизнис и ја зголеми неизвестоста и нестабилноста кај приватниот сектор. Денес, наместо силна економија и шанса за сите како главна парола на Зaев и СДСМ, имаме потоната економија со масовни иселувања на млади високо образовани луѓе и енормна сиромаштија, и наместо шанса за сите граѓани имаме екслузивни можности за партиски членови на СДСМ и роднини на високи функационери на владеачката структура.

Затоа, почитувани граѓани, ако сакаме економијата конечно да тргне по вистинскиот пат кој ќе значи капитални инвестиции во нови инфраструктурни проекти, навистина подобри услови за сите граѓаните, политики за подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, развој на индустријата и извозот што ќе значи нови добро платени работни места, треба час поскоро да ја поразиме оваа ненародна Влада на чело со Зоран Заев за да дојдат честити луѓе кои знаат како да ја кренат економијата и да го подобрат животниот стандард на граѓаните.